• четврток, 26 декември 2024

Средба на вицепремиерот и министер Стоилковиќ со амбасадорот на ОБСЕ Килиан Вал

Средба на вицепремиерот и министер Стоилковиќ со амбасадорот на ОБСЕ Килиан Вал

Скопје, 14 октомври 2024 (МИА) - Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ денеска остварил работна средба со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал.

Затекнатата состојба во Министерството за односи меѓу заедниците, клучните прашања, приоритети, како и идни планови и евентуалната соработка со ОБСЕ, со акцент на помалите етнички заедници во земјава, биле темите на кои разговарале на денешната средба Стоилковиќ и Вал.

Како што информираат од Кабинетот на министерот за односи меѓу заедниците, Стоилковиќ ја истакнал важноста од комуникацијата со меѓународните заедници од причина што, како што рече, за помалите етнички заедници не постојат подобри адреси. 

Стоилковиќ го запознал амбасадорот Вал со што се соочувал во изминатите 100 дена од формирањето на новата Влада и стапувањето на функцијата, но посочил и што е направено во овие 100 дена.

-Од злоупотреби на функцијата до злоупотреби во функционирањето за што постојат докази, но она на што сум горд е дека кога ќе се воспостави ред сѐ се може, нагласил Стоилковиќ и истакнал дека е задоволен што веќе е поднесена иницијативата за промена на законот за јазиците на помалите етнички заедници, како и дека е направен стратешки план со кој во следната година ќе им се посвети внимание на помалите етнички заедници. 

-Нашата соработка со Министерството за односи меѓу заедниците во минатото беше ограничена, но сега сум фокусиран на иднината и мислам дека постојат реални можности за нејзино продлабочување. Треба да ги засукаме ракавите и да се фокусираме на работата со сите етнички заедници, порачал амбасадорот Вал и уште еднаш нагласи дека кон ОБСЕ треба да се гледа како на партнер. 

Како што посочуваат од Министерството за односи меѓу заедниците, заклучокот на двајцата соговорници кои меѓу другото зборувале и за политичките и економските прилики во земјава и важноста на брзите пруги кои, како што истакнале, се своевиден мировен проект, беше и дека промената на перцепцијата и заштитата на етничките заедници кои, за жал, се чувствуваат заборавени и можеби не ја чувствуваат државата како своја треба да е заеднички приоритет на Министерството за односи меѓу заедниците и ОБСЕ. Амбасадорот Вал нагласил дека нашата земја секогаш може да смета на помош и поддршка од ОБСЕ.   

На крајот од средбата, како што се наведува во соопштението, Стоилковиќ ја истакнал важноста на состанокот по кој се испраќа важна порака до помалите етнички заедници, кои треба да го добијат местото што го заслужуваат и во земјата во која живеат да се чувствуваат како рамноправни граѓани. фф/нд/

Фото: Кабинет на потпретседател на Владата на РСМ и министер за односи меѓу заедниците

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан