• четврток, 26 декември 2024

Средба на вицепремиерката Грковска со новиот состав на Антикорупциската комисија

Средба на вицепремиерката Грковска со новиот состав на Антикорупциската комисија

Скопје, 29 февруари 2024 (МИА) – Потребата од зајакнување на финансиските и кадровските капацитети, особено во однос на недостигот на искусен и стручен кадар во секторите на Државната комисија за спречување на корупцијата беа дел од темите за кои денеска на средба дискутираа вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, со членовите на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата. 

Како што информираат од Прес-центарот на Владата на Република Северна Македонија, на првата работна средба, вицепремиерката Грковска им посакала успех во секојдневната работа и во исполнувањето на мисијата на Комисијата во воспоставувањето ефикасен систем за превенција и спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, изразила увереност дека претстои успешна соработка со Кабинетот за политики за добро владеење, имајќи предвид дека сите органи вклучени во системот за борба со корупцијата споделуваат заедничка цел. 

Димитровска истакнала дека претстојните избори се првиот предизвик за Комисијата, која е обврзана да го следи целиот изборен процес и да презема мерки во случаите кога постои сомнеж за прекршување на законите. Во таа насока, таа ја посочила потребата од дефинирање санкции во одредбите во Изборниот законик со кои се регулирани забраните, за да се овозможи реализација на тие законски одредби.

Вицепремиерката Грковска нагласила дека е неопходно да се засили соработката помеѓу ДКСК и Јавното обвинителство за да се надминат проблемите, особено во однос на лоцирање на причините зошто не е процесуирана ниту една од 56-те пријави на Комисијата. Таа информирала за досегашните активности на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата, каде се отвораат сите прашања кои се од интересекциски карактер, со цел да се забрзаат и унапредат процесите и исполнувањето на поединечните обврски предвидени со Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025.

Соговорниците се осврнале и на потребата од зајакнување на финансиските и кадровските капацитети, особено во однос на недостигот на искусен и стручен кадар во секторите на ДКСК, со оглед дека овој состав на Комисијата се соочува со обемна работа. 

Информирајќи за бројот на предмети и за нивната структура по области, Димитровска споделила дека од 547-те предмети  што ги наследиле од претходниот состав, 481 биле примени до 31 декември 2023 година (401 за имотна состојба, 46 за судир на интереси, 26 за спречување корупција и осум предмети за антикорупциска проверка на легислатива) и 66 примени од 1 јануари до 7 февруари 2024 година (два за имотна состојба, девет за судир на интереси, 54 за спречување корупција и еден предмет за антикорупциска проверка на легислативата.

Покрај споменатите теми, на состанокот се отворило и прашањето за транспарентноста како клучен принцип во работењето на институцијата, но и за заштитата на личните податоци на граѓаните при водењето постапки од страна на ДКСК.ар/лв/
Фото: Влада на РСМ

Остани поврзан