Средба на Ангелов со чешкиот амбасадор и со директорот на Генералниот директорат за противпожарна и спасувачка служба на Чешка
- Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска имаше средба со чешкиот амбасадор во државата, Јарослав Лудва, и со директорот на Генералниот директорат за противпожарна и спасувачка служба при Министерство за внатрешни работи на Република Чешка, Владимир Влчек, заедно со неколкучлена делегација, соопштија од ДЗС.
Скопје, 11 февруари 2026 (МИА) - Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска имаше средба со чешкиот амбасадор во државата, Јарослав Лудва, и со директорот на Генералниот директорат за противпожарна и спасувачка служба при Министерството за внатрешни работи на Република Чешка, Владимир Влчек, заедно со неколкучлена делегација, соопштија од ДЗС.
- Тема на разговор на средбата во ДЗС беше соработката на полето на заштита и спасувањето и процесите на трансформација на системот за управување со кризи и за чешките искуства во оваа област. Притоа Ангелов посочи дека Македонија е во фаза на темелна реформа, со цел обединување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување во единствен, функционален и поефикасен систем. На средбата во ДЗС беа споделени искуства за едукација на пожарникари, а и стручни мислења за заштита и спасување, со можност за заедничко учество на планирани оперативни вежби - се наведува во соопштението.

Ангелов им се заблагодари на високите претставници на Чешка за поддршката на нашата држава во справување со кризни ситуации.
- Не само со давањето опрема и технички средства, како, на пример, вчерашната донација на противпожарно возило „татра“ со капацитет oд 10 тони за пожарникарите од Кочани, туку и за директното помагање со чешки сили, со опрема и со техника при справување со огнените стихии, конкретно со противпожарното дејство на чешкиот хеликоптер „блек хок“ минатото лето, што беше успешно реализирано во содејство со противпожарни сили од нашата земја и од Словенија - се додава во соопштението. бд/паг/
Фото: Дирекција за заштита и спасување