• среда, 25 декември 2024

Средба на Ангеловска-Бежоска и тимот со високи претставници на ИФЦ: Народната банка се профилира како лидер за поддршка на зелената транзиција

Средба на Ангеловска-Бежоска и тимот со високи претставници на ИФЦ: Народната банка се профилира како лидер за поддршка на зелената транзиција

Скопје, 15 декември 2023 (МИА) - Поддршката на меѓународните финансиски организации е суштинска во процесот за поттикнување и обезбедување финансии во спроведувањето на зелената транзиција, за која се потребни значителни инвестиции. Ова било истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами и главниот економист Анета Крстевска и делегација на високи претставници на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), во состав Рана Карадеш-Хадад, регионална директорка за Европа, Николас Маркије, регионален менаџер за Западен Балкан и Висар Пирани, офицер во Канцеларијата на ИФЦ на Косово и Северна Македонија.

На средбата, како што соопштија од Народна банка, било искажано задоволство од поддршката којашто ИФЦ ѝ ја дава на нашата земја преку проекти за развој на приватниот сектор, како и проекти поврзани со зелената транзиција.

Притоа, гувернерката Ангеловска-Бежоска информирала за напредокот на активностите на Народната банка поврзани со климатските промени, коишто се во рамки на стратегиските приоритети на централната банка. Таа се осврнала на најновите мерки коишто се однесуваат на регулаторните барања за вградување и известување од страна на банките за ризиците поврзани со климатските промени, како и усвојувањето на Среднорочниот план на активностите на Народната банка во овој домен за периодот 2023 ‒ 2025 година. Планот е сеопфатна рамка за управувањето со ризиците од климатските промени од страна на централната банка, којашто предвидува повеќе активности во областа на регулативата и супервизијата за климатските ризици, вклучително и стрес-тестирања на домашните банки поврзани со климатските промени.

-ИФЦ искажа поддршка за активностите коишто ги презема централната банка за справување со ризиците од климатските промени, заради одржување на една од нејзините основни цели, односно финансиска стабилност. Посочи дека се преземени бројни конкретни чекори поврзани со јакнењето на отпорноста на банките на климатските ризици и зголемувањето на нивниот потенцијал за финансирање на зелената транзиција. Од ИФЦ се осврнаа на проектите коишто се планираат во следниот период, во делот на зелената економија и одржливото земјоделство, при што посочија дека ИФЦ секогаш ќе биде посветена на развојот на нашата земја, се наведува во соопштението.

Претставниците на Народната банка изразиле интерес и за воспоставување соработка од аспект на финансиската едукација и инклузија, особено од аспект на родовата еднаквост и вклучувањето на лицата со попреченост. Од ИФЦ ја поддржале иницијативата и искажале подготвеност за натамошна координација. дма/са/

Фото:Народна банка

Остани поврзан