• вторник, 24 декември 2024

Средба Коцевски-Рокас, во фокусот препораките во последниот извештај на ЕК

Средба Коцевски-Рокас, во фокусот препораките во последниот извештај на ЕК

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Јавниот обвинител на Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со евроамбасадорот Михалис Рокас. На средбата, како што информира Јавното обвинителство, Коцевски информираше дека Обвинителството веќе презема активни чекори за подобрувања во сите области кои се наведени како препораки во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на нашата земја и интензивно работи на подготовка за задачите од Реформската агенда која наскоро треба да започне да се реализира. 

Како клучен предизвик кој го навел Коцевски, а кој и Европската комисија го констатира во извештајот, се недоволните ресурси кои и се овозможуваат на институцијата за сите активности кои ги реализира.

- Од нас се бараше во предлог буџетските проекции за 2025 година да ги изразиме потребите и финансиските импликации за сите овие реформи. Тоа и го направивме. Но, за реформите што како држава сме ги ветиле, а се однесуваат на работата на Јавното обвинителство, не се предвидени речиси никакви дополнителни средства во предлог-буџетот за следната година. Повторно и годинава, наместо законски одредениот износ на буџетот за Обвинителството во висина од 0,4 отсто од вкупниот државниот буџет, ни се одредуваат околу 14 милиони евра или нешто повеќе од 0,2 отсто, што е половина од законскиот минимум, соопштил Коцевски.

Тој го запознал евроамбасадорот Рокас и со предизвиците од аспект на кадровска неекипираност на обвинителствата, односно недостатокот и од јавни обвинители и од јавнообвинителска служба, како и застареноста на опремата.

- Соговорниците разговараа дека буџетските приоритети мора да бидат во согласност со приоритетите и планот за работа на Јавното обвинителство и реформите за владеење на правото воопшто за да се постигне напредок во областите на владеење на правото и борбата против корупцијата. Ова е клучно за земјата да се движи кон ЕУ. Двете страни се согласија да продолжат со напорите за пренесување на овие пораки до одговорните органи во земјата, се вели во соопштението. 

Европската комисија во последниот извештај за нашата земја посочува дека за зајакнување на перформансите во борбата против корупцијата треба да им се овозможат дополнителни човечки ресурси и финансиска поддршка на обвинителствата и на нивните истражни центри.

„Растечкиот дефицит во ресурси во правосудството ја зголемува загриженоста дека ќе влијае врз квалитетот и ефикасноста на правдата“, стои во Извештајот на ЕК, со кој Обвинителството како институција целосно се согласува. мд/са/

Фото: Јавно обвинителство 

Остани поврзан