• сабота, 28 декември 2024

Средба Гаши - Прескер: Словенија отсекогаш настапувала како адвокат на земјите од регионот за нивна што поскорешна европска иднина во ЕУ

Средба Гаши - Прескер: Словенија отсекогаш настапувала како адвокат на земјите од регионот за нивна што поскорешна европска иднина во ЕУ

Скопје, 19 јуни 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со амбасадорот на Словенија во земјава, Грегор Прескер.

Како што информираат од собраниската прес-служба, поздравувајќи ги цврстите и пријателски билатерални односи меѓу двете држави, претседателот Гаши изразил благодарност за континуираната словенечка поддршка во остварувањето на нашите две стратешки цели, за членството во НАТО и за членството во Европската Унија.

Истовремено, честитал за изборот на Словенија како непостојан член на Советот за безбедност на Обединетите нации за периодот 2024 - 2025 година и нивниот придонес како мала земја кон целите на оваа организација. Во поглед на билатералната соработка, ја поздравил плодната и разновидна  соработка меѓу парламентите на двете држави, со желба истата да продолжи да се интензивира во периодот што следи.

Амбасадорот Прескер, честитајќи му го изборот на функцијата претседател на Собранието и посакувајќи му успешна работа во текот на мандатот, ја повторил несебичната словенечката поддршка и помош на реформскиот пат до поноправно членство во Европската Унија.

-Словенија отсекогаш настапувала како адвокат на земјите од регионот за нивна што поскорешна европска иднина во рамките на ЕУ, имајќи ги предвид позитивните придобивки од сопственото членство, нагласи Прескер.

Како значаен сегмент од целокупната соработка биле издвоени словенечките инвестиции од 500 милиони евра во земјата, развојната помош од 45 милиони евра за проекти на локално ниво и условите кои се понудени за студирање на околу 1500 студенти од нашата земја во Словенија.

Двајцата соговорници се согласиле дека има простор и потреба за понатамошно унапредување на меѓусебната соработка на парламентарно ниво, во области од заемен интерес, но со посебен акцент на европските прашања, надворешната политика и реформите во образовниот процес. фф/нд/

Фото: Собрание

 

Остани поврзан