• среда, 25 декември 2024

Средба Божиновска - Лорковски во Баку: Приспособување на националните енергетски политики кон европските стандарди

Средба Божиновска - Лорковски во Баку:  Приспособување на националните енергетски политики кон европските стандарди

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Нашата земја останува силно посветена на приспособување на националните енергетски политики кон европските стандарди, со цел да се поттикне економски раст и да се зачува природната средина за идните генерации. Ова го истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на денешната средба со претставници на Секретаријатот на Енергетската заедница, како и билатерална средба со директорот на Европскиот секретаријат за енергетика, Артур Лорковски, во рамките на климатскиот самит во Баку, Азербејџан.

- Ние остануваме активен партнер на Енергетската заедница и посветени сме на постигнување на заедничките цели во енергетската транзиција, нагласи Божиновска, подвлекувајќи дека нашата земја ги вложува сите напори за промените да бидат правовремени и ефективни.

Средбата беше фокусирана на теми од стратешко значење за регионот, меѓу кои напредокот на земјите во областа на енергетиката и заштитата на животната средина, интеграцијата на пазарите за природен гас, како и поддршката за транзиција кон зелена енергија.

Лорковски ја нагласи посветеноста на Енергетската заедница за унапредување на енергетската соработка и поддршка на регионот во спроведувањето на политики за поставување цена на емисиите на јаглерод, што претставува клучен чекор во насока на енергетска интеграција со Европската унија. Воедно, оваа иницијатива е значаен дел од Европскиот зелен договор, кој се имплементира со цел да се обезбеди долгорочна енергетска безбедност и одржливост во регионот.

Министерката Божиновска изрази поддршка за заедничките иницијативи.

Таа го информираше Лорковски дека Предлог-законот за енергетика е поставен на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) и сите може да се запознаат со содржината на предлог текстот. Директорот Лорковски изрази задоволство и најави дека тој и неговиот тим ќе го разгледаат предлог законот и ќе дадат нивни предлози, а со цел законот да е усогласен со ЕУ легислативата.

- Претставниците на двете институции се согласија за важноста на инклузивноста и соработката меѓу сите засегнати страни во регионот за поуспешно и побрзо спроведување на клучните реформи во енергетиката, соопштуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. ир/са/

 

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан