• среда, 25 декември 2024

Средба Бесими-Руе: Реформите за европската перспектива поддржани од нашите партнери ЕБОР

Средба Бесими-Руе: Реформите за европската перспектива поддржани од нашите партнери ЕБОР

Скопје, 22 јануари 2024 (МИА) - Приоритетите и реформите коишто ги спроведуваме и не водат на патот до ЕУ и севкупно до побрз развој, раст, подобар стандард за живот и за кои добиваме поддршка од ЕУ и Европската банка за обнова и развој беа тема денеска на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со директорката на ЕБОР за Централна и Југоисточна Европа, Шарлот Руе, соопшти Министерството за финансии.

-Република Северна Македонија денеска е домаќин на лидерски состанок за Планот за раст на Западен Балкан. Активностите што се спроведуваат од сите засегнати страни за реализација на овој значаен инструмент се одвиваат со забрзана динамика, а овој состанок треба да биде дополнителен импулс во неговата реализација. Како земја дел од регионот и дел од Планот за раст имаме сериозен и одговорен пристап во неговата реализација. Тоа се реформи кои претстојат пред нас, реформи кои ги дефинираме заедно со нашите партнери ЕУ и реформи за кои добиваме поддршка од нашите партнери како ЕБОР, рече министерот Бесими.

Тој изрази благодарност за поддршката што оваа меѓународна финансиска институција ја има споделено со нашата земја во нашиот напредок и реализација на навистина крупни инфраструктурни проекти.

-Само пред еден месец со ЕИБ, ЕБОР, ЕУ преку ВБИФ и ИПА програмата го заокруживме финансирањето на последната делница од изградбата на железничката пруга кон Бугарија. Со поддршката од овие европски финансиски институции обезбедивме средства за заокружување на проект кој со децении се гради. На листата се многу други проекти, а особено очекуваме поддршка во енергетскиот сектор, односно во нашата транзиција кон производство на зелена енергија, рече министерот Бесими.

На средбата стана збор за дополнително финансирање од околу 100 милиони евра за изградбата на гасниот интерконектор со Грција, значаен проект за земјава кој ќе обезбеди стабилност во снабдувањето и диверзификација на изворите, и цевководите Свети Николе-Велес и Гостивар-Кичево.

Со поддршка на ЕБОР досега во земјава се спроведени 175 проекти во вредност од 2,7 милијарди евра од кои 87 отсто се во јавниот сектор. Во моментов портфолиото на проекти кои се во фаза на реализација изнесува 819 милиони евра, а меѓу нив се автопаските делници Букојчани-Кичево од Коридорот 8, Крива Паланка-граничен премин Бугарија исто така од Коридорот 8, автопаска делница Скопје – Блаце, железничката пруга од Куманово кон Бугарија, заеднички граничен преми на Табановце, проекти за пречистителни станици, регионални депонии, фотоволтаични центали и слично. 

Средбата, како што соопшти Министерството за финансии, се одржа во Скопје на маргините на лидерскиот состанок на земјите од регионот претставници од ЕУ и САД и меѓународни институции посветен на Планот за раст за Западен Балкан. дма/аа/

Фото: Министерство за финансии

Остани поврзан