• сабота, 23 ноември 2024

Средба Бектеши - Домбровскис: Потребна е реформа кон отворена трговија за да се вратат растот и вработеноста по Ковид-19

Средба Бектеши - Домбровскис: Потребна е реформа кон отворена трговија за да се вратат растот и вработеноста по Ковид-19
Скопје, 4 мај 2021 (МИА) - Трговијата во целост треба да се движи во чекор со развојот на настаните во глобалната економија, а неопходна е и реформа кон отворена трговија за да се врати растот и вработеноста во пост Ковид-19 периодот, порачаа министерот за економија Крешник Бектеши и извршниот потпретседател на Европската комисија и еврокомесар за трговија, Владис Домбровскис по денешната средба во Брисел. - Северна Македонија е силен поддржувач на мултилатералниот трговски систем заснован на правилата во Светската трговска организација (СТО), кој дава поголема сигурност во трговските односи, особено за малите земји, и придонесува за промовирање на отворена трговија, глобален економски раст и создавање нови работни места, изјави министерот Бектеши. Министерот Бектеши и еврокомесарот Домбровскис, информираат од Министерството за економија, се согласија дека се потребни реформи во СТО  за да се воспостават нови правила, што ќе ја модернизираат оваа организација и ќе се усогласат со економската и трговската реалност од 21 век. Реформите треба да се во насока на трговска одржливост почитувајќи ги целите на Агендата на ОН за одржлив развој 2030, интегрирање на бизнис сектор во тие цели и тековните предизвици поврзани со Ковид-19 во меѓународната трговија, со крајна цел зголемување на вработеноста и раст на економиите. Циркуларна економија, позеленување на земјата и намалување на загадување со пластика, одржување синџири на вредности, олеснување на инвестициите преку создавање на ефикасен систем на транспарентност и намалена бирократија, односно бирократско преклопување или застарени процедури кои се клучни скапи пречки за инвестирање, се дел од тие реформи, за што во рамките на СТО се развиени бројни иницијативи. Земјава е коспонзор на шест приоритени иницијативи и тоа: за е-трговија, домашната регулатива за услуги, олеснување на инвестициите за развој, формирање на неформална работна група за микро, мали и средни претпријатија, трговија и животна средина/клима, како и либерализација на зелените добра и услуги при СТО. Министерот Бектеши истакна дека очекува суштински напредок да се постигне на 12. Министерска конференција на СТО. што се планира да се одржи од 30 ноември до 3 декември 2021 година, за што сите земји членки на СТО треба во овој период, односно до одржување на конференцијата, активно да работат на подготовка на соодветни спогодби, односно програми по иницијативите. Овие иницијативи се наменети за поддршка на малите и средни претпријатија, кои треба да придонесат за подобро учеството во глобалната трговија. Дури 95 отсто од компаниите во светот се мали и средни претпријатија, во кои се вработени 60 отсто од вкупно вработените на планетава. вј/сп/

Остани поврзан