• четврток, 28 ноември 2024

Средба Азески - Граф: Соработката мора да продолжи со засилен интензитет

Средба Азески - Граф: Соработката мора да продолжи со засилен интензитет
Скопје, 27 септември 2021 (МИА) - Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески одржа работна средба со заменик амбасадорот на Сојузната Република Германија Ото Граф. На средбата, како што наведуваат од Стопанската комора, се говорело за билатералната економска соработка помеѓу Сојузната Република Германија и Република Северна Македонија, која што двете страни ја оцениле дека е на многу високо ниво. Азески истакнал дека Стопанската комора, како најголема и најстара коморска организација во земјата, е подготвен и сигурен партнер за продлабочување на соработката, создавајќи и поддржувајќи поволна бизнис клима која овозможува привлекување и одржување на развојни инвестиции, посебно преку учеството во Коморскиот инвестициски форум и поддршката на економскиот развој на регионот. Тој ги претставил и актуелните проекти и стратешките активности на Комората, ставајќи акцент врз поддршката на компаниите во нивните активности, преку креирање Совет за напредни технологии вклучувајќи ја и дигитализацијата, имплементацијата на дуалниот систем на образование, зголемување на соработката меѓу домашните и странските компании, како и поддршка на извозните активности на домашните бизнис сектор. - Од особено значење е соработка со Унијата на германските индустриски и трговски комори –ДИХК, со која Комората во 2007 година потпиша билатерален меморандум за соработка, но и активно соработува на полето на проектни активности во рамки на Коморскиот инвестициски форум, посочуваат од Стопанската комора. Азески додал дека, низ годините Стопанската комора има значајна соработка со федералното Министерство за економска соработка и развој на Германија, со коешто во рамките на Отворените регионални фондови за Југоисточна Европа (Open Regional Funds for Sought East Europe), се спроведе Партнерскиот проект меѓу Асоцијацијата на балканските комори и Унијата на германските индустриски и трговски комори - АБК-ДИХК, за институционално зајакнување на балканските комори, поддршка на процесот на ЕУ-интеграција и унапредување на стопанската соработка меѓу регионот и Германија. Во рамки на истиот фонд, во март 2010 година, додаваат, Стопанската комора влезе во Регионалниот проект со ГТЗ „Export Consultancy Network“ - оформување на регионалната база на стопански консултанти во различни области. На работниот состанок, претседателот Азески и заменик амбасадорот Граф, заклучиле дека соработката меѓу двете земји мора да продолжи со засилен интензитет, посебно на полето на економската соработка, зголемување на извозниот потенцијал на домашните компании и привлекување на што поголем број германски инвестиции. - Сојузната Република Германија е 16 години прв економски партнер на Република Северна Македонија и така треба да остане и во иднина. Во првите седум месеци од 2021 година трговската рамена меѓу двете земји изнесува 3,01 милијарди американски долари и бележи раст од 55,7 проценти, споредено со истиот период во 2020 година, кога изнесуваше 1,93 милијарди американски долари. Извозот за првите седум месеци од 2021 година изнесува 2,3 милијарди американски долари, и бележи зголемување од 59,2 проценту, во однос на истиот период 2020 година. Увозот изнесува 682,3 милиони американски долари и бележи зголемување од 44,8 проценти во споредба со истиот период во 2020 година. Во трговската размена остварен е суфицит од 1,6 милијарди американски долари, кој во однос на минатата година е намален за 66,07  проценти, се вели во соопштението. мс/лв/

Остани поврзан