• четврток, 26 декември 2024

Сребрен медал за македонскиот тим на Европска олимпијада по информатика за девојки во Анталија

Сребрен медал за македонскиот тим на Европска олимпијада по информатика за девојки во Анталија
Скопје, 22 октомври 2022 (МИА) - На втората по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2022), која од 16-ти до 23-ти октомври се одржува во Анталија, Турција, македонските ученички – информатичарки ја заокружија успешната година за Македонија на меѓународните олимпијади по информатика, освојувајќи еден сребрен медал. Сребрениот медал за Македонија на ова престижно меѓународно натпреварување го освои Софија Велковска од Скопје, а солидно претставување имаа и останатите три членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка, Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид. Тимот беше раководен од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Како што соопшти Здружението на информатичари на Македонија, овие ученички беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 33-ти пат. Заедно со овој медал, македонските ученици на интернационалните информатички олимпијади само оваа година имаат освоено вкупно пет сребрени медали, пет бронзени медали и три олимписки пофалби, што е резултат со кој би биле задоволни и многу поголеми и побогати земји во светот. Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно нов натпревар наменет само за ученички, што како иницијатива потекна од успехот на Европската математичка олимпијада за девојки. Форматот на натпреварот е сличен на веќе етаблираните меѓународни натпревари, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Главниот дел од настанот се состои од два натпреварувачки дена, во кои ученичките решаваат предизвикувачки проблеми преку дизајнирање и имплементирање на соодветни ефикасни алгоритми. Натпреварот е исто така придружен и со социјални настани, како што се екскурзии, за време на кои учесниците можат да стекнуваат нови пријателства едни со други, како и да разменуваат дел од своите национални култури. Секоја земја – членка на ЕОИД заедницата учествува со свој тим составен од најмногу четири натпреварувачки, избрани преку националните натпревари во програмирање. По минатогодишното прво издание на оваа олимпијада што се одржа онлајн заради пандемијата, ЕОИД 2022 се одржува со физичко присуство и со учество на вкупно 95 учеснички од 27 европски земји. Дополнително, како претставници на земји-гости на ЕОИД, во неофицијална конкуренција учествуваат и 60-ина ученички од 15-ина земји надвор од Европа (како САД, Канада, Саудиска Арабија, Бразил, Сингапур и др.). Главни организатори на ЕОИД 2022 се Министерството за индустрија и технологија, како и Научно-технолошкиот истражувачки совет на Турција. Следната, трета по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2023) ќе се одржи идната година, во Лунд, Шведска. нд/ев/

Остани поврзан