• среда, 18 декември 2024

Србија се уште блокирана во пристапните преговори за членство во ЕУ

Србија се уште блокирана во пристапните преговори за членство во ЕУ

Брисел, 17 декември 2024 (МИА) - И покрај напорите на унгарското претседателство со ЕУ, пристапните преговори со Србија остануваат блокирани, додека Црна Гора и Албанија постигнаа напредок во пристапниот процес во текот на вчерашниот и денешниот ден.

Унгарското претседателство со Советот на ЕУ се обиде да добие согласност од земјите членки за отворање на преговорите со Србија во кластерот 3 – Конкурентност и инклузивен раст.

Овој кластер вклучува осум преговарачки поглавја, од кои Србија веќе отвори пет пред промената на методологијата за преговори, а две од тие пет се затворени.

Комисијата оцени дека Србија е технички подготвена да го заврши отворањето на тој кластер, но за да се постигне тоа потребна е политичка согласност од земјите-членки.

Според новата методологија на пристапните преговори, усвоена на почетокот на 2020 година, поединечните поглавја повеќе не се отвораат одделно и наместо тоа поглавјата од преговорите се поделени во шест кластери, или шест тематски целини, додека при затворање на поглавјата, тие се уште се затвораат поединечно.

За Србија во изминатите недели четири пати се разговараше на состаноците на Комитетот на постојани претставници (Корепер), кој го сочинуваат амбасадори од земјите-членки, но осум земји, меѓу кои и Хрватска, одбија да се согласат за понатамошен напредок во преговорите.

Наместо зелено светло за отворање на преостанатите поглавја од кластерот 3, Србија доби писмо да ги достави своите преговарачки позиции за две поглавја, поглавје 16 Даноци и поглавје 19 Социјална политика и вработување, но не и за поглавје 10 Информатичко општество и медиуми.

Тоа писмо е најмногу што можеа да се договорат сите земји-членки, но тоа е само првиот чекор, бидејќи допрва треба да се усогласи заедничкиот став на ЕУ, пренесува Хина.

За секој чекор во процесот на проширување неопходен е консензус од сите членки на ЕУ.

Дека нема да биде лесно покажува изјавата на холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп, кој вчера отворено најави дека неговата земја ќе се спротивстави на натамошното напредување на Србија во преговорите поради недоволниот напредок во областа на владеењето на правото и нормализација на односите со Косово.

- Србија се уште не е подготвена за следниот чекор и не постигна доволен напредок во областа на владеењето на правото, изјави Велдкамп пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.

Тој додаде дека Србија не се придвижила ниту во усогласувањето со надворешната политика на ЕУ, додека другите земји од Западен Балкан веќе се усогласени.

Велдкамп, исто така, изрази надеж дека другите земји-членки ќе се приклучат на холандската позиција.

Покрај писмото до Србија, амбасадорите на земјите членки на ЕУ се договорија и за заклучоците за проширувањето, кои денеска и формално ќе бидат потврдени од Советот за општи работи, односно министрите за европски прашања на земјите членки .

Во овие заклучоци се наведува дека напредокот на Србија во владеењето на правото и нормализацијата на односите со Косово ќе продолжи да го одредува целокупното темпо на пристапните преговори.

Што се однесува до кластерот 3, во заклучоците се наведува дека Советот ќе го преиспита отворањето на тој кластер кога Србија ќе постигне значителен напредок во областа на владеењето на правото и нормализацијата на односите со Косово.

Хина посочува дека одд дипломатски извори се дознава дека Германија приложила посебна изјава во која се наведени сите услови за отворање на тој кластер, од расветлување на случајот Бањска до усогласување со надворешната политика на ЕУ, што вклучува санкции против Русија. Комисијата даде и изјави во која најави дека следната година ќе направи проценка за напредокот на Србија во овие области.

Србија, која ги отвори преговорите со ЕУ во јануари 2014 година, досега има отворено преговори во 22 од 35 преговарачки поглавја.

Од тие 22 преговори затворени се две поглавја Наука и истражување и Образование и култура. Од декември 2021 година, кога Србија ги отвори преговорите во кластерот 4 Зелена агенда и одржливо поврзување, нема напредок во преговорите.

Вчера Црна Гора затвори три поглавја од преговорите, а денеска Албанија ги отвори преговорите во кластерот 6, кој вклучува две поглавја. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан