• петок, 27 декември 2024

СПЦ понуди канонско единство преку автономија, Москва се согласи, од МПЦ-ОА молк!

СПЦ понуди канонско единство преку автономија, Москва се согласи, од МПЦ-ОА молк!
Скопје, 17 мај 2020 (МИА) - Соборот на Српската православна црква вчера прогласи канонско единство со МПЦ-ОА, со што, според српски извори е „решен спорот што датира од 1967 година кога Македонска православна црква се одвои од СПЦ“. Одлуката на Соборот на СПЦ доаѓа по решението на вселенскиот патријарх Вартоломеј од 9 мај со кое ја призна МПЦ-ОА за канонска црква. Жестоки реакции од црковната јавност дека ова одлука на СПЦ  е предавство за борбата за автокефалност  на МПЦ-ОА и дека треба да се знае дека  канонски статус  на МПЦ-ОА е решен со одлуката на Вселенската Патријаршија и дека МПЦ-ОА , во периодот до конечно решавање на автокефалниот статус, останува во организационата структура како и досега како автокефална црква. Во вчерашната одлука  на Соборот на СПЦ се наведува дека се „поздравува прифаќањето на општо признатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ, доделен во 1959 година“. - Примајќи го актот на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија со кој го прифаќа општо признатиот канонски статус што му беше доделен од Светиот архиерејски синод на Српската православна црква во 1959 година и изразувајќи надеж дека Српската православна црква ќе го решава и реши канонскиот статус, по што треба да следи сеправославна согласност и прифаќање на тој статус, Светиот архиерејски синод одлучи: со благодарност кон Господа и со радост, Соборот го поздравува прифаќањето на општо признатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година, се наведува во соопштението на СПЦ. Според СПЦ, со ова „се отстранети причините за прекинот на литургиското и канонското причестување, предизвикано со едностраното прогласување на автокефалноста во 1967 година“ и се воспоставува целосна литургиско и канонско општење. СПЦ уште нагласува и дека во дијалогот за идниот и евентуално конечен канонски статус на МПЦ-ОА, Српската православна црква „ќе се води само и исклучиво од еклисиолошко-канонски и црковно-пасторални принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитички“, „геополитички“, „црковнополитички“ и други слични работи или за еднострани иницијативи и не потпаѓајќи под ничие влијание или притисок“. - И, конечно, Соборот нема намера по решавањето на статусот да ја условува новата сестринска Црква со оганичувачки клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикација во матичната земја и во дијаспората, со препорака прашањето за нејзиното официјално име да се реши во директен братски дијалог со еленофонските и другите помесни православни цркви, се наведува во соопштението објавено на сајтот на СПЦ. Со ваквата одлука, МПЦ-ОА повеќе не е „расколничка црква“ и всушност и се признава само  статусот на „автономна црква на СПЦ“, без гаранции дека некогаш ќе добие автокефалност, имајќи предвид дека за тоа, според Соборот на СПЦ, ќе биде потребен „општ православен консензус“, кој е невозможен, педупредуваат експертите во македонските медиуми. Со ова практично, како што викендов објави белградскиот весник „Курир“, СПЦ ја заменува т.н. „Православната Охридска Архиепископија“ (ПОА) на Јован Вранишковски со МПЦ-ОА, при што тој „ќе се пензионира поради тешката здравствена состојба, а тројцата владици на ПОА би го задржале епископскиот чин и би добиле управа на еден од манастирите во Северна Македонија или би им биле доделени епархии во рамките на Охридската архиепископија“. Тоа би значело и дека Синодот на МПЦ-ОА би станал дел од Соборот на СПЦ и би учествуваат во неговата работа. Српски „Курир“ тврди дека за црковното единство на СПЦ со МПЦ-ОА „директно и индиректно се зборувало во неколку наврати во претходниот период, па дури и на почетокот на мај на средба во Ниш на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан, кои биле придружувани од архиереи на двете цркви“. Нема детали кој што барал и која била понудата, ниту пак пишан документ дека за тоа некој дал согласност, или дека  за ова бил информиран светиот синодот на МПЦ-ОА, ниту дека истото е усогласено не седница на САС на МПЦ-ОА. Во тој контекст освен понудениот автономен  статусот, проблем во иднина отвора место на нашата Црква, за кое  иако  Соборот на СПЦ посочува дека треба „да се реши во директен братски дијалог со еленофонските и другите помесни православни цркви“. освен  блокади за употребата на придавката Македонска, блокади се можни и од Бугарската православна црква (БПЦ),која ја смета историската Охридска архиепископија за дел до бугарската црковна традиција. Имено, вселенскиот патријарх Вартоломеј ја призна МПЦ-ОА за канонска црква под името „Охридска архиепископија“, што е неприфатливо за БПЦ, Во вчерашното соопштение на СПЦ се посочува и дека одлуката се носи врз основа на акт  на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, со кој се прифаќа автономен канонски статус доделен од страна на Светиот архиерејски синод на Српската православна црква во 1959 година. Ваквиот навод во одлуката на Соборот на СПЦ, имплицира дека САС на МПЦ-ОА се согласил да прифати автономен статус, за што нема потврда. По одлуката на Соборот на СПЦ, се огласи заменик-претседателот на Одделот за надворешни меѓународни односи на Московската патријаршија, протоереј Николај Балашов кој изјави дека Руската православна црква ја поздравува одлуката на Српската црква да го обнови канонското општење со Македонската православна црква - Охридска архиепископија, додавајќи дека тоа претставува „надминување на половина век стариот црковен раскол“. Инаку, по одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј за признавање на МПЦ-ОА за канонска црква, секретарот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, протоереј Игор Јакимчук минатата недела изјави дека РПЦ „ги признава ексклузивните канонски права на Српската православна црква во Северна Македонија“. Синодот на МПЦ-ОА засега молчи и нема никаква официјална реакција  на одлуката на Соборот на СПЦ. Пред вчерашната одлука, во однос на шпекулациите објавени викендов во белградските медиуми дека великодостојници на Српската и на Македонската цркви на крајот на Соборот на СПЦ заедно ќе отслужат света архиерејска литургија како знак на „помирување и обнова на единството“, извори во МПЦ-ОА за МИА посочија дека нашата Црква ниту добила покана, ниту планира одржување заедничка света архиерејска литургија со СПЦ. Истите извори посочија дека во претходниот период било разговарано за таква можност, но дека сега по одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј од 9 мај за признавање на МПЦ-ОА за канонска црква, работите се променети и дека не се планира одржување на заедничка богослужба со српските црковни великодостојници. Ваквиот став веројатно значи дека МПЦ-ОА сега смета оти нејзиниот канонски статус е решен со одлуката на Вселенската патријаршија и дека во периодот до конечно признавање на нејзината автокефалност од останатите помесни православни цркви, останува во досегашната организациска структура како автокефална црква, односно на литургиите прв ќе се споменува вселенскиот патријарх и потоа сите останати по редот од диптихот како и досега. Во тој контекст вчера беше објавено и дека на 5 јуни, на празникот Педесетница или Света Тројца, поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот охридски и македонски Стефан најверојатно во Цариград ќе одржи прва заедничка богослужба со вселенскиот патријарх Вартоломеј, но изворите на МИА од нашата Црква посочија дека иако се планира таква богослужба, засега ништо не е прецизирано. Во врска со ваквата најава, портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј во изјава за Пресинг ТВ, само кусо одговори дека „ниту ја потврдува, ниту ја демантира ваквата информација“. Порталот Религија.мк викендов оцени дека со најавата за признавање на канонско единство со МПЦ-ОА, СПЦ се обидува „да создаде привидна слика наспроти реалноста, поистоветиувајќи ги признавањата на канонскиот статус од Вселенската патријаршија и од СПЦ како идентични“. - Но, тие во себе имаат две огромни разлики. Првата е редоследноста, а втората е административниот статус на црквата. МПЦ-ОА признаена прво од СПЦ како канонска, добива решен канонски статус, но де факто добива и решен административен статус, но како автономија, бидејќи се враќа таму од каде што и се одвоила. МПЦ-ОА признаена прво од Вселенската патријаршија добива решен канонски статус, но останува во неформална автокефалност со нерешен административен статус, наведува порталот. Но, според Религија.мк, одлуката на вселенскиот патријарх за признавање на МПЦ-ОА за канонска црква предизвика „целосно изместување од шините“. - Наместо триумф, СПЦ е во позиција да ја следи одлуката на Вселенската патријаршија, затоа што решавањето на канонскиот статус на МПЦ-ОА доаѓа преку Вселенската патријаршија и тоа преку користење на инструментот за апелација, а не преку Српската православна црква. Разликата е во тоа што ако МПЦ-ОА се вратеше во канонско единство преку СПЦ, ќе беше практично автономна црква. А и еден ден автономија, без каква било гаранција за автокефалност е катаклизма. Со сегашната состојба враќајќи се во канонското единство преку Вселенската Патријаршија, МПЦ практично се наоѓа во неформален автокефален статус, кој допрва треба да се официјализира
Оваа одлука на СПЦ има само една позитивен елемент, ако може да се толкува така. Тоа е што се согласува дека МПЦ-ОА веќе не е расколничка црква. МПЦ-ОА, на оваа оваа одлука треба да одговори токму во тој дух. Да се заблагодари што СПЦ препознала дека МПЦ-ОА е канонска исправна црква и да посочи дека нејзиниот канонски статус е решен со одлуката на Вселенската Патријаршија и дека МПЦ-ОА , во периодот до конечно решавање на автокефалниот статус, останува во организационата структура како и досега како автокефална црква. На литургиите прв ќе го споменува Вселенскиот патријарх, и потоа сите останати по редот од диптихот како и досега, заклучува Религија.мк. сп/мд/

Остани поврзан