• вторник, 26 ноември 2024

Спротивставени мислења за новиот генетски третман за ХИВ

Спротивставени мислења за новиот генетски третман за ХИВ

Амстердам, 20 март 2024 (МИА) - Тим научници од Универзитетот во Амстердам, Холандија, објавија дека успешно го отстраниле ХИВ-вирусот од заразени клетки, со помош на нова техника за уредување гени. Се работи за системот „КРИСПР“ (CRISPR), моќна алатка во современата генетика. Ова откритие на научниците им ја донесе Нобеловата награда за хемија, пишува „Би-би-си“.

Досегашните лекови против ХИВ можат да го запрат вирусот, но не и да го елиминираат од крвта. „КРИСПР“ ја сече ДНК-та на молекуларно ниво, како „со ножици“ и ги отстранува или деактивира несаканите делови.

Истражувачите, сепак, истакнуваат дека е потребна уште многу работа за науката да потврди дека методот е целосно делотворен и безбеден. Претставувајќи го резимето од своите првични наоди на последната Медицинска конференција, научниците нагласија дека нивната работа останува само „доказ за концепт“ и наскоро не може да стане збор за готов лек за ХИВ.

И д-р Џејмс Диксон, вонреден професор по Технологии за генска терапија на Универзитетот во Нотингем, во Велика Британија вели дека се бараат дополнителни истражувања. Од друга страна пак, од американската биофармацевтска компанија „Ексижн биотерапутикс“ (Excision BioTherapeutics) сметаат дека 48-неделното испитување на тројца доброволци со ХИВ не покажало сериозни ефекти.

Д-р Џонатан Стоје, експерт за вируси во лондонскиот Институт „Френсис Крик“, вели дека отстранувањето на ХИВ од сите клетки во телото што може да го содржат е исклучително предизвик. Но, тој е загрижен за „ненасочените ефекти од третманот“, коишто би можеле да имаат долгорочни несакани последици и верува дека „ќе минат многу години пред терапијата заснована на ‘КРИСПР’ да стане рутина“, дури и под претпоставка дека нејзината ефикасност може да се докаже.

ХИВ ги инфицира и напаѓа клетките на имунолошкиот систем, користејќи сопствен механизам за да се размножува себеси. Со ефективен третман, некои клетки влегуваат во мирна состојба, но сепак содржат ДНК на ХИВ или генетски материјал без активно создавање нов вирус. На повеќето луѓе со ХИВ им е потребна доживотна антиретровирусна терапија, а доколку престанат да ги земаат лековите, заспаниот вирус може повторно да се разбуди и да предизвика нови здравствени проблеми.  си/ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан