• недела, 24 ноември 2024

Спортски настани кој ја одбележаа 2022 година

Спортски настани кој ја одбележаа 2022 година

Скопје, 4 јануари 2023 (МИА) – Календарот на постолимписката 2022 година беше исполнет со голем број спортски настани на меѓународната сцена, кои стартуваа со тенискиот грен – слем во Австралија и Европското првенство во ракомет, а кулминираа со фудбалскиот Мундијал во Катар. Во меѓувреме, македонската репрезентација на чекор до историски пласман на мундијалскиот турнир, кој за прв пат во историјата се одржа во земја од арапскиот свет.

Првиот календарски грен – слем донесе триумф на Шпанецот Рафаел Надал, кој во финалето триумфираше над Гркот Стефанос Циципас. Надал влезе во 2022 година со 20. освоени грен – слем титули, идентично како и Швајцарецот Роџер Федерер, кој го откажа учеството во Мелбурн поради повреда, и Србинот Новак Ѓоковиќ, кому австралиските власти му забранија настап поради одбивањето да се вакцинира против коронавирусот.

На машкото Европско првенство во ракомет златниот медал го освои Шведска, која во драматично финале беше поуспешна од Шпанија со 27-26. За Швеѓаните тоа беше рекордна петта европска титула, а прва по пауза од две децении. Бронзата ја освои Данска со триумф над Франција. Подмладената македонската ракометна репрезентација, дополнително обременета и со голем број повредени играчи, претрпе порази од Словенија (25-27), Црна Гора (24-28) и Данска (21-31) и го заврши настапот во групната фаза.

Кинеската престолнина Пекинг во февруари беше домаќин на 24. Зимските олимписки игри на кои во седум спортови и 15 дисциплини настапија 2.871 спортисти од 91 држава, а најуспешна нација беше Норвешка со рекордни 16 златни медали. Македонскиот олимписки тим го претставуваа биатлонците Ана Цветановска и Ставре Јада, додека знаменосецот Дардан Дехари поради повреда не настапи на трките во слалом и велеслалом.

На Светското клупско првенство во Абу Даби, фудбалерите на Челзи ја продолжија победничката серија на европските екипи во финалињата на ова натпреварување и со триумф над бразилски Палмеирас 2-1 (1-1,0-0) го освоија единствениот трофеј што на лондонскиот премиерлигаш му недостасуваше во клупските витрини.

Светското клупско првенство беше увертира за фудбалските возбудувања кои следуваа во март со плејоф натпреварите за пласман на Мундијалот 2022. Најголемото изненадување го приредија македонските фудбалери совладувајќи го актуелниот европски првак Италија со 1-0, на 24 март во Палермо. Триумфот ја донесе четата предводена од селекторот Благоја Милевски на само чекор од историски пласман на Мундијалот во Катар, но „црвено – жолтите“ немаа сили три денови подоцна да приредат уште една сензација и во финалето беа поразени од Португалија во Порто со 2-0.

Во завршницата на европските клупски натпреварувања, Реал ја освои титулата во Лигата на шампиони совладувајќи го Ливерпул со 1-0 во Париз, Ајнтрахт Франкфурт беше најуспешен во Лига Европа, триумфирајќи на пенали 5-4 против Глазгов Ренџерс во Севиља, додека Рома го освои првиот европски трофеј во клупската историја, откако во финалето на премиерното издание на Лигата на конференции во Тирана славеше победа над Феенорд со 1-0.

Кралот на земјените терени Рафаел Надал ја потврди својата доминација на Ролан Гарос и дојде до рекордната 22. грен – слем титула во кариерата со експресни 3-0 во сетови (6-3, 6-3, 6-0) во финалето против Норвежанецот Каспер Руд.

Голден стејт во јуни ја освои четвртата шампионска титула во кошаркарската НБА-лига во последните осум години, прва по 2018 година, победувајќи го Бостон во финалната серија, со 4-2.

Ѓоковиќ спектакуларно се врати на грен – слем сцената, освојувајќи ја вкупно седмата титула во Вимблдон, а четврта во низа, откако во финалето со пресврт го совлада Австралиецот Ник Кирјос (3-1).

Алжирскиот град Оран во јуни беше домаќин на Медитеранските игри на кои Македонија се закити со два медали во борење. Магомедгаџи Нуров (категорија до 97 кг) го одбрани златниот медал од Медитеранските игри 2018 во Тарагона, додека Владимир Егоров освои бронза во категоријата до 65 килограми.

Европското фудбалско првенство во женска конкуренција, чиј домаќин во јули беше Англија, донесе рекордна гледаност во историјата со повеќе од 365 милиони луѓе, а финалето, во кое домашната репрезентација ја совлада Германија со 2-1, од трибините на Вембли го гледаа 87.192 навивачи, што, исто така, е рекорд во женскиот фудбал.

Најпрестижната светска велосипедска трка во јули го имаше своето 109. издание на кое триумфираше Данецот Јонас Вингегор. Крајот на месецот, пак, беше во знакот на фантастичниот 22-годишен Швеѓанец Арманд Дуплантис, кој на Светското атлетско првенство во американскиот град Јуџин го освои златниот медал со нов рекорд во дисциплината скок со стап и прескокнати 6.21 метри. Со тоа Дуплантис го освои единственото златно одличје кое му недостасуваше во кариерата, по титулите олимписки и европски првак.

Хрватските ватерполисти во август во финалето на Европското првенство на домашен терен во Сплит пред 9.000 гледачи ја совладаа Унгарија со 10:9 (3:3, 1:0, 4:4, 2:2) и со тоа по пауза од 12 години се вратија на европскиот трон.

Последниот грен – слем турнир во 2022 година, Ју-Ес Опен, донесе сензационален триумф на шпанскиот тениски тинејџер Карлос Алкараз (19), кој во финалето го совлада Каспер Руд од Норвешка со 3-1 и стана најмладиот тенисер во историјата кој успеал да се искачи на врвот на АТП листата.

Германија, Италија, Чешка и Грузија во септември беа кодомаќини на 41. Европското кошаркарско првенство за мажи на кое Шпанија во финалето ја совлада Франција со 88-76. Во натпреварот за бронзениот медал, Германија триумфираше над Полска со 82-69.

На Светското првенство за кошаркарки, САД во финалето во Сиднеј ја одбранија титулата со триумф над Кина од 83-61. Австралија пред домашната публика ја освои светската бронза, откако во малото финале беше убедлива против Канада со 95-65.

Во септември се одржа и Светското првенство во одбојка во женска конкуренција на кое домаќини беа Полска и Холандија. Во финалето Србија со 3-0 во сетови го совлада Бразил и ја одбрани титулата освоена на минатиот Мундијал во 2018 година во Јапонија. Бразил остана без титула и по четвртото свое мундијалско финале.

Скопје, Подгорица, Цеље и Љубљана во ноември беа домаќини на 15. Европско првенство за ракомет во женска конкуренција на кое титулата ја освои Норвешка совладувајќи ја во скандинавското финале Данска со 27-25. Бронзата и припадна на Црна Гора, која со идентични 27-25 беше поуспешна во малото финале од Франција. Подмладената македонска репрезентација го освои 16-то место, но истовремено и првпат се врати на големите меѓународни турнири по Европското првенство 2012 во Србија.

Холандскиот возач Макс Ферстапен во доминантен стил ја одбрани титулата во Формула 1, додека Ред Бул убедливо триумфираше во класата на конструктори и со тоа ја прекина долгогодишната доминација на Мерцедес.

Најдобриот фудбалски Мундијал во 21. век, како што го оцени британскиот сервис Би-Би-Си, се одржа од 20 ноември до 18 декември во Катар, првата арапска земја домаќин на завршниот турнир. Во епско финале Аргентина ја совлада Франција на пенали со 4-2 (3-3, 2-2, 2-0) и ја освои третата светска титула, а прва по пауза од 36 години. Аргентинскиот капитен Лионел Меси, кој ја освои единствената титула која му недостасуваше во кариерата, беше прогласен за најдобар фудбалер на Мундијалот, додека Французинот Килијан Мбапе го понесе признанието за најдобар стрелец.

Последниот месец од 2022 година фудбалот загуби две големи имиња – прославениот српски фудбалер и тренер Синиша Михајловиќ (54) ја загуби тешката битка со леукемијата и легендарниот Бразилец Пеле почина на 82-годишна возраст од рак на дебелото црево. ег/зс/

Остани поврзан