• недела, 24 ноември 2024

Спортската дипломатија како стратешка алатка со цел унапредување на релациите и можностите помеѓу земјите

Спортската дипломатија како стратешка алатка со цел унапредување на релациите и можностите помеѓу земјите
Скопје, 15 февруари 2021 (МИА) – Спортската дипломатија е моќта на спортот да ги зближи луѓето, заедниците и нациите преку физичка активност и спорт. Таа може да се дефинира како свесна, стратешка и редовна употреба на спортот, спортистите и спортските настани од страна на министерствата за надворешни работи и нивниот дипломатски персонал за да се создаде долгорочно и заемно корисно партнерство со цел унапредување на релациите и можностите за развојни, културни, трговски, образовни и туристички можности и инвестиции. Во оваа насока, денеска, во просториите на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, се одржа првата конференција на тема „Спортска дипломатија: Спортот како алатка за унапредување на национални интереси и надворешно-политички приоритети“. Прва на агендата беше панел дискусијата „Спортот како алатка за дипломатски цели и постигнување на надворешно-политички приоритети“ на која свое обраќање имаа Керол Гомез, виш научен соработник во ИРИС за меѓународни спортски прашања, Лоренс Фишер, француска амбасадорка за спортска дипломатија и Силвија Митевска, советничка на премиерот на Северна Македонија за спорт. Гомез на конференцијата истакна дека спортот може да се користи за дипломатски цели и за промовирање на политички цели во надворешната политика, а користењето на спортската дипломатија, како што рече, „претставува вистинско богатство“. Таа посочи дека една од целите на спортската дипломатија е помош во воспоставување на билатерални односи. - Спортот може да служи како начин за зајакнување на билатералните односи  и средби кои што би се организирале во различни земји и со цел заедничка организација на големи спортски настани преку кои се дава можност практично да соработуваме, рече таа. Франција е една од водечките земји во светот со развиена стратегија за спортска дипломатија и прва држава која во редовите на Министерството за надворешни работи ја има ангажирано Лоренс Фишер во улога на амбасадорка за спортска дипломатија. Нејзиниот фокус на работа е афирмација на Франција на интернационална сцена, привлекување на инвестиции и одржување на мега спортски настани во Франција. Таа на конференцијата истакна дека станува збор за посветеност која ја поседуваат, која оперативно постои и во која што особено Северна Македонија би можела да стане партнер. - Со француското Министерство за надворешни работи поставивме акционен план за спортска дипломатија кој ќе се спроведе преку повеќе насоки, меѓу кои, зајакнување на атрактивноста на француските општини за организирање на разни, меѓународни спортски натпревари, исто така и за туристички бенефит од сето тоа, посочи таа. Фишер сподели дека спортот денеска претставува два проценти од БДП, и според тоа, станува збор за значаен сектор. Таа вели дека се свесни за тоа и, како што рече, поради организирањето на големи спортски настани успеале да развијат заедно со нивните претпријатија, иновативни работи, особено во областа на спортот, здружувајќи старт-ап компании и вистинско знаење. Северна Македонија е успешно етаблирана во полето на спортската дипломатија. Во регионот на Западен Балкан, Северна Македонија е една од првите земји кои ја практикува спортската дипломатија на национално и на меѓународно ниво. Во 2021 година, првиот спортско-дипломатски настан за Северна Македонија беше организиран во Букурешт, Романија на маргините на ЕУРО 2020. Фокусот на настанот беа трговијата и инвестициите, како и создавање одржливи партнерства меѓу Северна Македонија и Романија. Силвија Митевска, советничка на премиерот на Северна Македонија за спорт, во врска со спортската дипломатија на домашна сцена, истакна дека до сега РСМ е навистина многу активна на оваа тема. - Тоа е можеби благодарение на тоа што бевме во повеќе програми и проекти на Европско ниво, преку Еразмус поддршката, каде што, всушност, и јас самата, а и повеќе спортски организации од тука, увидовме кој е потенцијалот на спортската дипломатија и што сè може да помогне, да асистира при реализација на некои надворешно политички дипломатски интереси, рече таа. Митевска посочи дека до сега кај нас спортот е гледан само како еден вид на игра, на натпревар, меѓутоа, преку спортската дипломатија таа смета дека колку повеќе вложуваме во спортот, бенефитот или придобивката е повеќекратна, вратена назад во општеството, во државата, во нашата младина. Според неа, важно е на почеток да се има развиена стратегија за спортска дипломатија, или тоа да биде интегрален дел од стратегијата за јавна дипломатија, за да може целосно да се практикува спортската дипломатија. - Веројатно во следниот период би ги развивале насоките за поголем број и поддршка на кредибилни лица, македонски државјани, кои што имаат голема експертиза во спортот и во спортскиот сектор и во спортскиот менаџмент, да бидат повеќе застапени во структурите и управните одбори на големите интернационални спортски федерации и организации, затоа што знаеме дека на тој начин ќе може повеќе да се поврземе со сите оние спортски организации, како што се ФИФА, УЕФА, Интернационален Олимписки комитет и многу други интернационални спортски федерации кои што понатаму би ни помогнале да ја доразвиеме спортската дипломатија кај нас, посочи таа, повикувајќи на поголема соработка со дијаспората, која, според неа, би помогнала да бидеме уште попривлечни како дестинација за одржување големи спортски настани од кои секој ќе има бенефит. На почетокот од денешната конференција, свое обраќање имаше и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, кој истакна дека спортот е навистина универзален јазик, поврзан со вредности, но постои и тесна и дамнешна поврзаност помеѓу спортот, политиката, дипломатијата. - Постои тесна и дамнешна поврзаност помеѓу спортот, политиката, дипломатијата. Затоа што Олимписките игри откако повторно беа воспоставени од Пјер де Кубертен во 1894 година, најавувале епизоди со вистински политички интензитет. Олимписките игри во Берлин во 1934 година беа навистина вистинска пропаганда, како и политичките игри сега во Пекинг, односно пинг-понг дипломатијата стана воспоставена практика откако американските и кинеските играчи на пинг-понг помогнаа за затоплување на односите помеѓу Кина и САД. Би можеле да ги зголемиме примерите и да стигнеме наназад до антиката. Но, ќе кажам дека спортот е дел од специфична соработка во рамките на новиот пристап меѓу Северна Македонија и Република Бугарија, нов пристап за којшто се надеваме дека набрзо ќе ги даде европските резултати, рече амбасадорот Бомгартнер. Шефот на дипломатијата на Република Северна Македонија Бујар Османи, од своја страна истакна дека мора да признаеме дека кај нас спортската дипломатија е прилично нова терминологија. – Спортот може да прави промоција на сите наши вредности, но, и да служи како мост меѓу народите во регионот, во Европа и пошироко. Неопходна е и стратегија и дополнителен напор за да се ориентира спортскиот потенцијал кон националните приоритети и интереси, имајќи на ум дека навистина тоа е благородна работа, истакна Османи. Поради тие причини, додаде министерот, Северна Македонија ги користи и ги знае предностите за развој на меѓународните односи преку спортската дипломатија, но и ќе се обиде да даде поголем придонес и да воспостави заеднички пријателства со повеќе земји во светот, како што го правиме со Франција. На конференцијата, покрај ова, се разговараше и за „Спортот како алатка за економски развој и привлекување на инвестиции“ и „Спортот како платформа за афирмација на вредности и креирање на одржливи партнерства“. ар/ац/

Остани поврзан