• четврток, 26 декември 2024

Спонзор обезбеди осум стипендии за кошаркарките на КК „Крива Паланка“

Спонзор обезбеди осум стипендии за кошаркарките на КК „Крива Паланка“
Крива Паланка, 1 јануари 2020 ( МИА) - На почетокот на 2020 година, управата на кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ објави дека во новата година осум кошаркарки од првиот тим на клубот ќе добијат стипендии, со што ќе се поттикнат за достигнување нови успеси.
- Во новата година нови радости за најдобрите осум кошаркарки од првиот тим на КК „Крива Паланка“, кои веќе втора сезона ги бранат боите на клубот и го претставуваат во националниот прволигашки систем на натпревари на Кошаркарската федерација на Република Северна Македонија. Ќе им бидат доделени стипендии од нашиот спонзор „GDR Company“, како награда за досегашните залагања, достигнувања и резултати какви што во нашиот град, во историјата на екипните натпреварувања, не се паметат. Овие девојки покрај во првата лига, каде настапуваат со 14 и 15 години, минатата сезона беа и државни прваци во конкуренција до 14 години, а освоија бронза и во конкуренција до 16 години, со што навистина ги заслужуваат овие стипендии, изјави Ведран Белешковски, претседател на КК „Крива Паланка“.
Стипендистките ќе треба да продолжат да се докажуваат и да достигнат уште повисоки резултати, а сите останати да напредуваат за во иднина исто така да бидат вклучени во таленти за стипендирање.
- Стипендијата значи награда и привилегија, но и обврска да се задржи и оправда. Сопственикот на „GDR COMPANY“,  Ненад Коцевски е наш сограѓанин, колега, спортски работник и поранешен професионален спортист, кој денес успешно работи и живее во Франција, но го препознава спортот како терен каде најдобро можат да се развиваат и напредуваат младите, прераснувајќи во здрави и успешни личности.Токму поради тоа, во 2019 го поддржа нашиот клуб финансиски, а оваа година ќе вложи во играчите. Благодарност од стручниот штаб, од родителите и играчите, и посакуваме заеднички да оствариме уште нови победи, додаде Белешковски.
Од името на кошаркарски клуб „Крива Паланка“ посака среќна Нова 2020 година што ќе донесе мотив за менување кон подобро, засилување на мотивацијата и енергијата, остварување на зацртаните цели на сите членови на клубот и на сите граѓани. ид/мд/

Остани поврзан