• сабота, 23 ноември 2024

Спомен куќата на народниот херој Страшо Пинџур ќе биде секој ден отворена за посетители

Спомен куќата на народниот херој Страшо Пинџур ќе биде секој ден отворена за посетители

Кавадарци, 5 јуни 2023 (МИА) - Спомен куќата на народниот херој Страшо Пинџур ќе биде секој ден отворена за посетители, а историски час ќе има и за дополнителни посети и викенди, информираа денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. 

- Спомен куќата на народниот херој Страшо Пинџур во село Ваташа е споменик на културата заштитена со Закон за заштита на спомениците на културата. Од 1958 година е прогласена за  меморијален Спомен музеј. Истата е реновирана во 1976 година, за официјално да биде отворена за посетители во 1977година. Оттогаш па сé до денес се направени неколку заштитни интервенции, при што секогаш се настојувало да се зачува автентичниот изглед на куќата, соопштија од кабинетот на градоначалникот. 

Оттаму потсетија дека во Спомен куќата има постојана историска – тематска поставка посветена на животниот пат и револуционерното дело на овој наш истакнат борец и револуционер. Има збирка на фотографии, документи, дописни картички, скици и цртежи кои Страшо Пинџур ги направил за време на своето школување.

- За продолжување и збогатување на  промоција, презентација и афирмација на ликот и делото на народниот херој Страшо Пинџур, спомен куќата на револуционерот кој се бореше за слободна и независна Македонија, ќе работи секој работен ден од 09  до 16 часот. За дополнителните посети и во викенд, Локален музеј галерија Кавадарци ќе организира историски час за посетители, туристи и слично, информираа од кабинетот на Јанчев. свд/аа/

Фото: Општина Кавадарци 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан