СПМ: Со опструкции и саботажи нема да не спречат во борбата за подобри услови и права во полицијата
- Синдикатот на Полиција во Македонија (СПМ) денеска соопшти дека имаат основи за сомневање оти од страна на еден министер за внатрешни работи и членови - вработени за потребите во Министерство
Скопје, 7 април 2021 (МИА) - Синдикатот на Полиција во Македонија (СПМ) денеска соопшти дека имаат основи за сомневање оти од страна на еден министер за внатрешни работи и членови - вработени за потребите во Министерството, како што велат, злоупотребувајќи ја службената положба спротивно на Законот за работни односи, Европската конвенција за заштита на човековите права ја сопреле незаконски членарината на Синдикат на Полиција во Македонија.
Во соопштението од СПМ се наведува дека од страна на полициски службеници, членови на Синдикатот, постојат основи за сомнение кое во иднина ќе биде доставено како такво до Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР во соработка со Јавен обвинител од ОЈО Скопје заради сузбивање на криминална група, чии членови- вработени во МВР, злоупотребувајќи ја службената положба незаконски ја сопреле членарината на СПМ.
- По пат на меѓународна соработка преку Конфедерацијата каде СПМ членува, беше обезбедена поддршка во насока на идентификување на вистинскиот идентитет на сторениот криминал. При тоа беше утврдено дека станува збор за лица кои се членови на највисоките позиции во Министерството за внатрешни работи, стои во соопштението од СП.
До ОЈО Скопје во наредниот период, најавуваат, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава против наведените лица.
- Сакаме како Синдикат во оваа прилика да упатиме порака до сите оние кои мислат дека со опструкции и саботажи ќе не спречат во борбата за остварување на подобри услови и права во полицијата и ќе им кажеме дека бадијала се трудат. Нема ниту да застанеме ниту да не поколебате. Ова го истакнуваме поради фактот што при реализацијата на оваа акција од страна на највисоките структури во МВР се соочивме и со обид за саботажа која не за жал не им успеа, порачуваат меѓу другото од СПМ. цр/ац/