• недела, 24 ноември 2024

Списокот на демократски конгресмени кои повикаа Бајден да се откаже од изборите се зголемува

Списокот на демократски конгресмени кои повикаа Бајден да се откаже од изборите се зголемува

Вашингтон, 12 јули 2024 (МИА) - Претседателот на САД Џо Бајден се соочува со растечки сомнежи за тоа дали поради одминатата возраст е доволно кадарен да продолжи со кандидатурата за негов реизбор кои што доаѓаат не само од опонентите туку и од низа истакнати членови од неговата партија.  

Весникот „Вашингтон пост“ објави список на демократски конгресмени, сенатори и членови на Претставничкиот дом, кои јавно го повикаа Бајден да ја напушти трката. Од 2 јули кога се слушна првиот демократски глас против неговата кандидатура, односно само недела дена по неуспешната дебата со неговиот соперник, експретседателот Доналд Трамп, во списокот до денеска се најдоа вкупно 21 конгресен демократ.

Во него, меѓу другите, се пратениците Џери Надлер од Њујорк, Адам Смит од Вашингтон, Британи Петерсон од Колорадо, како и сенаторот Питер Велч од Вермонт. Сите тие изјавија дека не веруваат дека Бајден може да го победи Трамп на изборите закажани есенва и се загрижени дека неговата кампања може да резултира со тоа демократите да ја изгубат контролата на двата дома на американскиот Конгрес.

Лидерите ја примија загриженоста што доаѓа од партијата и во меѓувреме побарале прием во Белата куќа на кој синоќа бил Хаким Џефрис, лидерот на малцинството во Долниот дом. За оваа средба Џефрис откри денеска во писмо до своите колеги во кое се вели дека тоа било шанса најистакнатите демократи во Претставничкиот дом да ја изразат загриженоста на партијата.

- Во изминатите неколку денови демократите од Претставничкиот дом извршија продлабочени и долги дискусии за иднината на нашата земја, во време кога се загрозени слободата, демократијата и економската благосостојба на Американците, изјави Џефрис.

Тој истакна дека разговорот со претседателот бил искрен и отворен.

Средбата се случила веднаш по големиот прес брифинг на Бајден по повод завршувањето на самитот на НАТО во Вашингтон, на кој ја изрази одлучноста дека не истапува од кандидатурата и дека останува во трката „да ја заврши работата“ започната во 2021 година.

- Верувам дека сум најдобро квалификуван да владеам. И мислам дека сум квалификуван да победам. Можеби постојат други луѓе кои можат да го победат Трамп. Но, ужасно е тешко да се започне од нула, кажа Бајден синоќа.

На пресот тој рече дека ако еднаш го победил Трамп тоа може да го повтори.

Претходно денеска, холивудските сценаристи Ајалет Валдман и Дејмон Линделоф им се придружија на други познати личности, вклучувајќи ги Џорџ Клуни, Мајкл Даглас и Абигејл Дизни во повикот Бајден да се откаже. кб/
 

Остани поврзан