• сабота, 28 декември 2024

Џафери: Работиме на изедначување, унапредување и вреднување на жената како рамноправен член во општеството

Џафери: Работиме на изедначување, унапредување и вреднување на жената како рамноправен член во општеството

Скопје, 8 март 2023 (МИА) - Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска претседаваше со Првата пленарна седница за унапредување на родовата еднаквост на која се разгледуваше Информацијата за напредокот за родовите прашања во последните две децении во земјава. Настанот се одржа на јубилејната 20-годишнина од формирањето на Клубот на пратенички.

На седницата, покрај редовниот пратенички состав, поканети беа и министерките и заменичките министерки во Владата, поранешни министерки и пратенички во периодот од 2003 година, претставниците на дипломатскиот кор и претставниците на домашните и меѓународните невладини организации како НДИ, ОБСЕ и UN Women.

Џафери во својот воведен збор ја поздрави работата и успесите на Клубот на пратенички во минатите 20 години. Тој посочи дека во законодавниот дом се усвоени исклучително значајни законски измени кои биле во насока на изедначување, подобрување, заштита, унапредување и вреднување на статусот и придонесот на жената како рамноправен член во општествената заедница за да нема дискриминација, нееднаквост, ексклузивност на мажите наспроти жените и последната новина, односно, Родово одговорното буџетирање.

Собранискиот претседател упати порака до сите жени – да бидат гласни, храбри, бестрашни водилки во градењето на похумано, демократско и рамноправно општество, во кое важноста, вредноста и придонесот во семејството, општеството и државата е неприкосновена.

Како што информираат од собраниската прес-служба, дополнителна активност за одбележување на 8 Март беше и пригодната свеченост која се одржа во Кристалната сала и на која претседателот Џафери истакна дека Клубот на пратенички е уникатен спој на моќ и здружување на различни политички сили во една и единствена опција за подобар, похуман свет и изрази почит за досега постигнатите успеси на Клубот.

На свеченоста, како што се посочува во соопштението, се обратија и други присутни а беа доделени и благодарници за дадениот придонес. Својот поздрав го заврши со упатување на честитки за Меѓународниот ден на жената на сите припаднички на женскиот пол. фф/сп/

Фото: Собрание на Република Северна Македонија

Остани поврзан