• четврток, 26 декември 2024

Спејс икс ја прекина руската превласт во вселената

Спејс икс ја прекина руската превласт во вселената
Летот на американската приватна компанија Спејс икс (SpaceX) го означи крајот на монополот - Русите веќе не се единствените кои испраќаат космонаути на Меѓународната вселенска станица (International Space Station - ISS), што, сметаат експертите, треба да поттикне преиспитување на руската вселенска програма. Новата капсула Спејс икс, која во саботата полета од Флорида, САД, вчера, без тешкотии, слета на Меѓународната вселенска станица, по 19 часа лет.
Ова е прва ваква мисија од 2011 година кога Американците престанаа да летаат на Меѓународната вселенска станица и да дозволат на руските ракети „Сојуз“, побезбедни и поевтини, да летаат во вселената со човечка екипа.
Астронаутите на Меѓународната вселенска станица девет години полетуваа од рускиот космодром во Бајконур по обуките во Русија и учење на јазикот на Пушкин.
Руската вселенска агенција Роскосмос го „поздрави“ полетувањето на бродот Спејс икс, а нејзиниот извршен директор за летови со човечки екипаж Сергеј Крикалов оцени дека „успехот на оваа мисија ќе ни даде нови можности“. „Трамполини функционира“, се пошегува основачот на „Спејс икс“ Елон Маск на прес-конференција во неделата, во духовита забелешка упатена до директорот на Роскосмос.
Дмитриј Рогозин, во 2014 година, во време кога Москва се закануваше дека ќе ја прекине соработката со Вашингтон во вселенската програма, рече дека НАСА би можела да ги испрати своите астронаути на Меѓународната вселенска станица со „трамполини“.
Забелешката на Маск ги „запали“ руските социјални мрежи на кои беа објавени многу „мемови“ и пораки во кои корисниците го исмеваа Рогозин.
Поради ваквите реакции се огласи и портпаролот на агенцијата, кој изјави: „Ние навистина не ја разбираме хистеријата поради успешното лансирање на капсулата „Кру драгон“, напиша Владимир Устименко на Твитер. „Се случи тоа што требаше да се случи пред многу време“, рече тој.
Устименко исто така најави дека Русија годинава ќе тестира „две нови ракети“ и дека „следната година“ ќе ја продолжи својата Лунарна програма.
Роскосмос за секој лет на Меѓународната вселенска станица ѝ наплаќаше на НАСА околу 80 милиони американски долари
Роскосмос за секој лет на Меѓународната вселенска станица ѝ наплаќаше на НАСА околу 80 милиони американски долари, што му обезбедуваше златна финансиска добивка.
Ако Спејс икс во иднина превезува американски астронаути, „годишната загуба би можела да надмине 200 милиони долари, огромна сума за Роскосмос и за нејзиниот буџет од околу две милијарди“, рече Андреј Јонин, експерт во вселенската академија Цилковски во Москва.
Покрај тоа, летовите на Спејс икс би можеле да го поттикнат „будењето“ на вселенскиот сектор на Русија, кој е во „многу полоша форма отколку што признаваат лидерите“, додаде Јонин.
Иако Москва пред десет години го лансира најголемиот дел од вселенските летала, тоа не е случај денес, бидејќи тука се кинеските ракети и Спејс икс.
„Додека го губевме пазарот за лансирање, Роскосмос посочуваше дека сè е добро, затоа што ние сме единствените кои испраќаат луѓе на станицата. Сега, тие го изгубија и тој аргумент“, истакна Јонин.
Секторот продолжува да трпи поради корупција, за што сведочат скандалите околу изградбата на новиот космодром на Восточки на Далечниот Исток на Русија.
Покрај тоа, поради недостиг на пари и реална политичка волја, во него нема иновација. Руската програма е насочена кон усовршување на „советските технологии“, потсетува Андреј Јонин.
Развојот на приватните компании како што е Спејс икс, кои планираат да го освојат Марс, најавува технолошки скок што ќе биде тешко да се достигне.
За да остане Русија во трката, Јонин предлага стратегијата да ја утврди независно тело во кое ќе бидат главните фактори на рускиот вселенски сектор.
„Американскиот претседател Доналд Трамп го обнови Националниот вселенски совет за да ги постави тие политички цели. Ни треба истата работа“, рече Јонин.
Набљудувачите, сепак, забележуваат недостиг на волја на рускиот претседател Владимир Путин, кој е јасно повеќе насочен кон развој на воената сила, особено хиперсонични високотехнолошки ракети.
„Вселенската програма не е единствената што му дозволува на Путин да ја покаже моќта на земјата“, заклучува новинарот кој го следи вселенскиот сектор Виталиј Јегоров. паг/
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан