• петок, 27 декември 2024

Специјално признание за КУД „Илинден“-Битола на фестивалот „Илинденски денови“

Специјално признание за КУД „Илинден“-Битола на фестивалот „Илинденски денови“

Битола, 1 август 2023 (МИА) - НУ Центар за култура-Битола, домаќин и организатор на Републичкиот фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ додели специјално признание на КУД „Илинден“-Битола за фестивалска изведба на музичко-сценскиот перформанс „120 години Илинденско востание“.

На синоќешното свечено затворање, публиката со аплауз ги поздрави одлуките на жири комисијата која за најуспешна група која презентираше традиционална музика и игра ги прогласи КУД „Весели пензионери“ од Пробиштип, за најуспешна група која на фестивалот во Битола презентираше староградска музика ја прогласи ВИА „Распеани струмичани“, а за најуспешен инструментален состав награда доби оркестарот на КУД „8-ми Октомври“ од Крива Паланка.

На 53. издание на фестивалот „Илинденски денови“, жири комисијата ги награди Теодор Груевски, инструменталист на гајда од АФ „Гоце Делчев“-Битола, додека за ансамбл со најдобра, најкомплетна, изворна носија беше прогласен КУД „Русалии“ од Секирник.

Со одлука на НУ Центар за култура-Битола, посебна благодарница беше доделена на Енрих Мердиќ од Хрватска, воедно претседател на јужноевропскиот сектор на ЦИОФФ, кој за време на фестивалот во Битола одржа стручно предавање за учесниците на Семинарот за традиционална музика и игра.

-Како битолчани и Македонци, ги продолжуваме традициите на нашите претци, пренесувајќи им порака на младите генерации за нивната обврска да продолжат, и да го почитуваат делото на носителите на двата Илиндена, рече меѓудругото градоначалникот Тони Коњановски.

Директорката на НУ Центар за култура, Маја Андоновска Илијевски посочи дека фестивалот „Илинденски денови“ служи како доказ за богатството и издржливоста на нашето културно наследство, потсетувајќи дека и покрај одминувањето на времето, нашите традиции продолжуваат да не инспирираат, едуцираат и маѓепсуваат со својата уникатност.

Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ се одржа под покровителство на Собранието на Република Северна Македонија и со поддршка на Министерство за култура и Општина Битола. мт/вг/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан