• четврток, 19 декември 2024

Специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Сарацин во Скопје со средби со власта и опозицијата

Специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Сарацин во Скопје со средби со власта и опозицијата

Скопје, 11 септември 2023 (МИА) - Специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин денеска и утре престојува во Скопје, каде ќе оствари средби со претставници на власта и опозицијата. На неговата посета се гледа како на нова дипломатската офанзива за уставните измени, откако тој во јуни за време на посетата на земјава во интервју за МИА порача дека Северна Македонија нема време за губење и оти по уставните измени нејзиниот пат е неповратен, но и нагласи оти се нереални очекувањата за повторно отворање на Преговарачката рамка.

Сарацин денеска е на средби со собранискиот спикер, Талат Џафери, со премиерот Димитар Ковачевски, со министерот за надворешни работи Бујар Османи, а планираната е и средбата со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, со кого, како што е најавено, ќе се состане во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

За утре е планирана средба на специјалниот германски пратеник за Западен Балкан со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и негово учество на конференција на тема „Подобрување на Берлинскиот процес, преку парламентарна демократија“.

Сарацин, кој во јуни учествуваше на Преспа форумот, во интервју за МИА рече дека  Северна Македонија нема многу време за губење, бидејќи не знаеме што ќе се случи, имајќи ја предвид војната во Украина.

-Доколку сега ги отворите кластерите после уставните измени, патот на земјата кон ЕУ е неповратен. Вие направивте многу важен чекор, и сите знаат дека вашата земја ќе пристапи, не знаеме колку брзо, но никој веќе не може да ја сврти земјата назад. Гледаме што се случува во вашето соседство и колку е тоа опасно, каде насилни протести повторно се случуваат на улиците после долги години и што ова значи за чувствата на граѓаните од овој регион. Ова кажува: пристапете што е можно побргу, бидете колку што може поблиску до Европската Унија, направете го овој пат неповратен сега, за да бидете посигурни при евентуални следни случувања, а не знаеме што да очекуваме во следните недели и месеци, изјави тогаш германскиот дипломат.

Тој тогаш оцени дека е нереално да се очекува дека повторно ќе се отвори Преговарачката рамка и додаде дека Германија ќе биде против тоа.

-Преговарачката рамка беше едногласно усвоена од 27-те земји членки и нема повторно да отвораме процес за донесување таква одлука. Таа е донесена и не може да се промени. Таа претставува гаранција за Северна Македонија и не може лесно да се смени потоа и Бугарија да не може понатаму да поставува нови услови во неа. Тоа беше и една од клучните поенти на предлогот минатата година. Затоа е целосно нереално да се очекува дека ние повторно ќе ја отвориме. Германија ќе биде против повторно отворање на Преговарачката рамка, рече Сарацин во интервјуто за МИА. ац/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан