• среда, 25 декември 2024

Специјална седница на СБ на ОН по повод 1.000 денови руска инвазија и војна во Украина

Специјална седница на СБ на ОН по повод 1.000 денови руска инвазија и војна во Украина

Вашингтон, 20 ноември 2024 (МИА) - Советот за безбедност на ООН синоќа одржа специјална седница одбележувајќи го 1.000-от ден од почетокот на војната на Русија против Украина. Освен 15-те членки на Советот за безбедност, на седницата учествуваа и претставници од Чешка, Италија, Ирска, Германија, Полска, Литванија, Романија и Турција – што сведочи за тоа колку сериозно меѓународната заедница ја сфаќа континуираната руска агресија во Украина, јави Гласот на Америка.
 
Заменикот на генералниот секретар на ООН за политички прашања, Розмари Дикарло, посочи на високата цена на оваа војна: досега се убиени 12.164 цивили, вклучително и 600 деца; 26.871 цивили се ранети.
 
-И ова се само потврдени податоци, рече Дикарло.

„Реалниот број на убиени, најверојатно, е многу повисок. Бројот на цивилни жртви значително се зголеми во изминатите месеци. Во октомври и ноември беше забележан најголем број напади со ракети и дронови. Русија минатиот викенд изврши еден од најголемите напади досега, користејќи 120 ракети и 90 дронови, со цел напад врз енергетската инфраструктура низ сите региони на Украина, што резултираше со масовна деструкција и жртви.
 
На седницата на Советот за безбедност на ООН присуствуваа и министри за надворешни работи на неколку земји, вклучително и на Обединетото Кралство и Украина. Низ говорите доминираше темата дека доколку се попушти пред агресорот, негативните последици ќе се почувствуваат низ целиот свет.
 
-Ако Путин не биде поразен, ќе започнат нови освојувачки војни, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Леми изјави за новинарите пред седницата.

„Ако Путин не биде поразен, нашата вера во меѓународните закони никогаш нема да се обнови. Ако Путин не биде поразен, нашите граници нема да бидат безбедни. Кремљ денес се обраќа кон Иран за балистички ракети, кон Северна Кореја за војници. Оваа опасна ескалација покажува, искрено, колку очајна е ситуацијата на Путин.“
 
Леми најави нови санкции против ирански компании и изјави дека Велика Британија ќе спречи активности на кремљовските кибер-банди, руските платеници во Африка и ќе ја натера Русија да плати висока цена за оваа војна.
 
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига укажа на неспособноста на меѓународната заедница да ја запре агресијата на Путин.
 
-Путин сака војна, а не мир – и ние мора да ја зголемиме цената што тој ја плаќа за војната, изјави Сибига. „Илјада дена е голема бројка. Од една страна, тоа ја докажува храброста на Украинците пред лицето на суровата руска агресија, како и поддршката на нашите партнери, за што сме благодарни. Од друга страна, оваа бројка сведочи за неспособноста на меѓународната заедница, вклучително и на овој почитуван Совет, да го запре вооружениот конфликт и злосторствата. Мораме искрено да признаеме – меѓународните механизми не функционираа, тие не функционираат. Мораме да создадеме нови механизми, мораме да бидеме принципиелни и да дејствуваме заеднички за да го вратиме почитувањето на Повелбата на ООН.“
 
Рускиот амбасадор во ООН, Василиј Небензја, изјави дека дозволата на администрацијата на претседателот Бајден, објавена од медиумите, да се овозможи на Украина да користи американско оружје за напади на територијата на Русија, ќе има сериозни последици.
 
-Изненадува кратковидоста на Обединетото Кралство и Франција, кои брзаат да ја поддржат заминувачката администрација и ги вовлекуваат не само своите земји, туку и цела Европа, во целосна ескалација со исклучително сериозни последици, изјави Небензја. „Токму за ова нашите поранешни западни партнери треба добро да размислат, додека не е предоцна. За ова треба да размислат и оние кои неодамна почнаа да зборуваат за некакво замрзнување на фронтот и различни шеми слични на оние што Украина и нејзините западни поддржувачи ги отфрлија кога беа предложени Минските договори.“
 
Американската амбасадорка во ООН, Линда Томас-Гринфилд, изјави дека Русија води војна не само со Украина, туку и со својот народ, бидејќи на бојното поле дневно гинат до 1.200 руски војници. Таа посочи на погрешното и повторуваното уверување на Путин дека Украина како држава наводно не постои.
 
-Можеби токму затоа Путин толку ја потцени решителноста на Украинците, нивната храброст и ефикасност, што ги покажуваат во одбраната на својата татковина, својата демократски избрана влада, својата култура и начин на живот веќе илјада дена, рече Томас-Гринфилд. -Додека Украинците продолжуваат да се борат против империјалистичката инвазија и идеологијата дека „посилниот секогаш е во право,“ САД ги поддржуваат. Сакам јасно да изјавам: кога војната ќе заврши, суверена, независна, демократска Украина ќе ја контролира својата територија призната од меѓународната заедница и ќе напредува кон приклучување кон евроатлантските организации како НАТО.“
 
Линда Томас-Гринфилд повтори дека администрацијата на Бајден ќе ја поддржува Украина, вклучително и со оружје, додека не се постигне праведен мир за Украина. кб/

Остани поврзан