• сабота, 23 ноември 2024

Специјална програма на МФФ „Киненова“ ќе биде отворена со филмот „Кафе“ на Навид Михандост

Специјална програма на МФФ „Киненова“ ќе биде отворена со филмот „Кафе“ на Навид Михандост

Скопје, 11 декември 2023 (МИА) - Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ денеска соопшти дека се приклучува на Солунскиот филмски фестивал и на Меѓународната Коалиција за филмски автори во ризик давајќи поддршка за иранскиот филмски автор Навид Михандост, кој на 20-ти август годинава беше уапсен во Иран за да отслужува тригодишна затворска казна.

Како што наведуваат од „Киненова“, во јануари 2021 година, исламскиот суд во Техеран за специјални злосторства, за поттикнување на насилство или за обид за соборување на исламската влада, донел пресуда со која е изречена казна од 3 години и 6 месеци врз основа на обвиненијата за „дејствување против националната безбедност“ и „пропаганда против режимот преку истакнување на пароли“.

-Коалицијата реагира на овој случај на прогон, закани за личната безбедност или слобода на филмските работници кои се изложени на ризик како резултат на нивната работа и ќе го брани нивното право да продолжат со својата работа, преку мобилизирање на меѓународната филмска заедница. Неправедните обвиненија на Навид произлегуваат од документарниот филм што тој го направи во 2009 година, фокусиран на професионалниот живот на Масих Алинеџад (иранска новинарка и активистка за правата на жените). Филм кој никогаш не беше објавен, посочуваат од Киненова.

Оттаму додаваат дека специјалната програма на Киненова која ќе се одвива во Кинотека на Македонија, на 16-ти овој месец ќе биде отворена со најновиот филм на Навид, „Кафе“, кој е сниман во вонредни и исклучитено тешки услови.

Ова, се додава, ќе биде регионална премиера на филмот или второ прикажување воопшто во светот, по светската премиера во Солун.

-Во периодот кога Навид беше ослободен со кауција и чекаше да му биде изречена казната, тој самостојно и независно го сними овој долгометражен филм на кој работеше многу напорно и конечно го продуцираше со ограничен буџет и волонтерска помош на неговите пријатели. Приказната за „Кафе“ е слична на она што му се случи на Навид во Иран. Тој е ослободен со кауција, но во исто време со барање од иранските безбедносни авторитети да соработува со нив за посредно да им обезбеди информациии за новинарката Масих Алинежад под изговор дека ќе снима нов филм за жени, стои во соопштението.

Ова е втор долгометражен филм на Навид, не сметајќи го документарниот филм кој никогаш не беше прикажан.

Покрај филмот „Кафе“ на Навид Михандост, специјалната програма на Киненова за декември ќе ги вклучува и наградените филмови на осмото издание на фестивалот: шпанскиот филм „20 000 видови на пчели“ на Естибалиц Уресола Солагурен кој ја доби специјалната награда на жирито на фестивалот Киненова, украинскиот „Клондајк“ на Марина Ер Горбах кој ги доби наградите за најдобро сценарио и најдобра режија на МФФ Киненова 2023 и „Фатална жена“ на Сем Фринам ин Нг Чон Пинг, се наведува во соопштението. вг/бак/

Фото: Киненова

Остани поврзан