• сабота, 23 ноември 2024

Специјална награда за „Сестра“ на Дина Дума на престижниот фестивал во Карлови Вари

Специјална награда за „Сестра“ на Дина Дума на престижниот фестивал во Карлови Вари
Скопје, 28 август 2021 (МИА) - „Сестра“ - дебитанскиот долгометражен филм на младата режисерка Дина Дума, во продукција на Лист продукција ја освои престижната Специјална награда од жирито во програмата „Источно од Западот“ (East of the West) на 55. издание на Карлови Вари. Како што соопштија од Агенцијата за филм на РС Македонија, фестивалот во Карлови Вари е најголемиот фестивал во Република Чешка и најпрестижен во Централна и Источна Европа, и е еден од најстарите филмски фестивали заедно со фестивалите во Кан, Верлин, Венеција, Локарно, и Сан Себастијан. Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм упати честитки на оваа, како што наведува, мнозински женска филмска екипа. -Успехот на “Сестра” го гледам и како потврда за довербата што Агенцијата за филм во последните години им ја укажува токму на дебитантите, поддржувајќи ги на сите конкурси, истакна Лазаревски. “Сестра” е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски.Монтажата ја отпишува Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, автор на музиката е Игор Василев - Новоградска, а на дизајнот на звукот Ристо Алчинов. „Сестра” е поддржан од Агенцијата за филм на Р. Северна Македонија во 2017 година, и е регионална копродукција помеѓу Северна Македонија, Црна Гора и Косово. вг/бак/

Остани поврзан