• недела, 24 ноември 2024

Спасувачкиот брод на Бенкси праќа повици за помош

Спасувачкиот брод на Бенкси праќа повици за помош
Рим, 29 август 2020 (МИА) – Бродот за спасување чии активности ги финансира британски уличен уметник познат под псевдонимот Бенкси, упати итни повици за помош од водите на Медитеранот, каде сè уште се наоѓа. Во објавите на Твитер од синоќа и денеска, членовите на екипажот предупредуваа дека бродот е преоптоварен поради големиот број мигранти кои се наоѓаат на него. Бродот „Луис Мишел“, именуван по една француска анархофеминистка, минатата недела испловил во своја мисија и сега се обидува да најде безбедно пристаниште за 219 мигранти кои се качиле во областа во близина на либискиот брег. Укажувајќи на влошената состојба на бродот, десетчлениот екипаж залудно апелираше до властите на Италија, Малта и Германија да помогнат. - Се доближуваме до вонредна состојба, веднаш ни треба помош, се наведува во една од објавите на Твитер, во која исто така се истакнува дека во бродот има и тело на починат мигрант. Во друга објава се наведува дека бродот веќе не е во можност да се движи и „не е господар на својата судбина“, поради преоптоварувањето на палубата и сплавот за спасување закачен за него, но пред сè затоа што „Европа ги игнорира итните повици за помош“. Според некои светски агенции, италијанскиот спасувачки брод „Маре Јонио“ тргнал од Сицилија за да му помогне на бродот „Луиз Мишел“. јт/

Остани поврзан