• четврток, 19 декември 2024

Спасовски: Целиот систем мора да биде консолидиран во однос на истрагите, судењата и извршувањето на санкциите

Спасовски: Целиот систем мора да биде консолидиран во однос на истрагите, судењата и извршувањето на санкциите

Скопје, 17 декември 2023 (МИА) - Целиот систем мора да биде консолидиран во однос на истрагите, судењата и извршувањето на санкциите. Тоа е нешто што мораме да го разбереме и да го прифатиме како состојба што мора да се менува, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, коментирајќи ја изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер дека институциите треба да се погледат во очи и да се запрашаат што можеле да сторат за да се спречи убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска.

- Тоа го зборувам многу често досега - и кога зборував за неказнивоста на сите оние кои ја ограбуваа државата и беа главни во општеството без да сносат одговорност, кога зборував за консолидација на судскиот систем. Менувањето и консолидацијата на системот мора да се прави брзо и ефикасно, рече Спасовски во изјава за медиумите во Битола.

Во однос на постапувањата на полицијата, Спасовски вели дека за тоа говорат бројките. 

- За граѓаните е важно криминалците од првиот момент кога ќе бидат приведени да има една траекторија во која ќе гледаат и ќе знаат дека дошло до извршување на санкцијата или дошло до одземање на имотот којшто е стекнат на криминален начин. Целиот систем мора да биде консидиран во однос на истрагите, судењата и во однос на извршувањето на санкциите за да не ни се случува кога МВР ќе ги приведува криминалците, за кратко време да ги видиме дома или без одредување на соодветни мерки, истакна Спасовски. 

Американската амбасадорка Анџела Агелер за емисијата „Стадион“ на Канал 77 во врска со убиството на малата Вања порача дека не е време за политизација и дека институциите треба да се погледат во очи и да се запрашаат што можеле да сторат за да го спречат убиството на девојчето. 

- Се работи за криминалци, за кои се знаело дека се криминалци, дека се насилни и не се во затвор. Не биле претходно апсени и затворани. Не биле апсени и целосно гонети за нивните претходни злосторства. Цената ја плати една млада девојка, Вања ја плати цената. Сега не е време за политизација. Време е институциите да фрлат еден безмилосен поглед на себе и да се прашаат, што можевме да сториме за да ја спасиме оваа млада девојка и сите други деца во земјава? Зошто дозволуваме криминалците слободно да се движат и да вршат злодела врз кого било во државава? Ова е трагедија и се надевам, се молам, дека оваа држава, граѓаните, институциите и државните претставници ќе се погледнат во огледало и ќе прашаат што правевме, што треба сега да направиме за вакво нешто никогаш повеќе нема да се случи, рече Агелер. бак/мт/

Фото. МИА

Остани поврзан