• недела, 24 ноември 2024

Спасовски: Со стекнатата Меѓународна акредитација на Центарот за обука се отвораат нови образовни перспективи за безбедносните структури

Спасовски: Со стекнатата Меѓународна акредитација на Центарот за обука се отвораат нови образовни перспективи за безбедносните структури
Скопје, 30 март 2022 (МИА) - Со ова ќе го означиме остварувањето на уште еден успешен исчекор на Центарот за полициски обуки во неговото целосно етаблирање како кредибилен, професионално оспособен и специјализиран образовен сегмент чија неопходност е директно поврзана со успешното функционирање на МВР, односно на сите негови полициски служби и организациони единици, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешното предавање на Сертификатот за меѓународна акредитација на Центарот за полициска обука, од страна на Меѓународната асоцијација на директори на полициски академии за стандарди и обуки IADLEST. Од Центарот за полициски обуки во Идризово, Спасовски потенцираше дека се свесни за фактот дека стручната и професионалната едукација и надградбата се меѓу фундаментите на квалитетното институционално функционирање и додаде дека како МВР во овие неколку години наназад посветиле особено внимание на континуираниот развој на Центарот. - При тоа овозможуваме целосна поддршка и потребна логистика за негово надградување како современ образовно стручен центар кој на сите наши полициски службеници ќе им овозможи соодветно, професионално усовршување и експертиза согласно сите модерни полициски стандарди на работење. Реализирајќи ги зацртаните задачи, Центарот како организациона единица на Министерството на стратешко ниво веќе успеа да ја добие и националната акредитација од страна на Центарот за образование на возрасни како национално акредитационо тело, а исто така и успешно да го финишира процесот на целосно имплементирање на системот за менаџмент на квалитет ИСО 9001 - 2015, додаде министерот за внатрешни работи. Тој посочи дека сега, со стекната Меѓународна акредитација, Центарот за обука практично е прв таков образовен центар во нашата држава, неменет не само за потребите на Министерството, туку и за сите наши институции кои работат во спроведувањето на законите со посебни овластувања. - Овој процес не беше ниту малку лесен, напротив, бараше исполнување и работа на дополнителни претпоставки и критериуми коишто Центарот од 2019 година наваму успешно ги реализираше, почнувајќи од исполнувањето на дополнителни активности па се до изготување на стручни елаборати и прирачници за прецизно операционализирање на работата на Центарот. Сето тоа потоа беше ставено на увид и контрола на стручните тимови од IADLEST, согласно стандардите на Меѓународната асоцијација на директори на полициски академии за стандарди и обуки, рече Спасовски. Министерот за внатрешни работи изрази уверување дека со стекнатата Меѓународна акредитација, не само што се збогатува професионалното портфолио на Центарот за обука, туку истовремено се отвораат нови образовни перспективи за уште поквалитетна, стручна и професионална едукација и специјализација на вработените во безбедносните структури за натамошното пренесување на нови меѓународни искуства и практики следствено модерните полициско безбедносни стандарди. - Примената на најдобри практики за оние кои се жртвуваат за безбедноста е од клучно значење. Поддршката на министерот Спасовски за овие заложби, како политички, така и со ресурси ќе обезбеди успех на овој Центар за обука. Се надевам дека Министерството за внатрешни работи ќе ја прошири поддршката за Центарот и ќе изгради одржлива платформа за обука за идните генерации на службеници, како и капацитет на полициската станица за обука и персоналот кој ќе влијае врз животите на секој полицаец во земјата, истакна амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз во своето обраќање. Брнз посочи дека оваа обука претставува еден од најдобрите начини да се надградат полициските службеници во тоа што навистина им е потребно - знаење. - Работата не застанува тука, ќе биде потребно да ја обновувате оваа акредитација на секои три години. Искористете го овој процес како можност да останете во тек, па дури и да ги надминете најдобрите практики за обука на полицијата во светот. Нека Северна Македонија стане лидер во регионот, проширувајќи ја соработката и партнерството за спроведување на законот, порача амбасадорката на САД.см/ки/

Остани поврзан