• четврток, 26 декември 2024

Спасовски: Само ефикасна, силна и задоволна полиција, која работи со полн капацитет и легитимитет испорачува резултати

Спасовски: Само ефикасна, силна и задоволна полиција, која работи со полн капацитет и легитимитет испорачува резултати
Скопје, 7 мај 2021 (МИА) - Свесни дека само ефикасна, силна и задоволна полиција, која работи со полн капацитет и легитимитет, испорачува резултати во сите сфери на работењето, раководството на Министерството за внатрешни работи се заложи за севкупно подобрување на професионалните услови за работа и подигање на социјалниот статус на полициските службеници, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во обраќањето по повод одбележувањето на Денот на македонската полиција – 7 Мај во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“. Според Спасовски, она што беше визија пред три и пол години, денеска е реалност. - Реконструиравме 55 објекти, кои сега имаат додадена вредност, бидејќи се енергетски ефикасни. Набавката на униформи стана редовна активност, а не исклучок! Обезбедивме пловни објекти, мотоциклистичка опрема, а годинава, за обнова на униформи и опрема, во буџетот имаме обезбедено близу половина милијарда денари, што е еден од највисоките износи во историјата на министерството. За вработените во МВР, кои оствaриле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2020, обезбедивме средства за бонус плата, кои ќе бидат исплатени следниот месец, а веќе ги исплативме бонус платите за 2017 и 2018 година. Вработените во Министерството за внатрешни работи сега знаат дека нивниот труд и пожртвуваноста се вреднуваат и наградуваат – нешто што претходно претставуваше невозможна мисија, истакна Спасовски. На овој посебен ден, како што рече, не може да не помислиме на оние наши колеги, на оние храбри срца што ги нема денеска во нашите редови. - Нивната храброст и нивната жртва никогаш нема да бидат заборавени, а она што ни го оставија во наследство и споменот за нив, претставуваат инспирација за секој граѓанин, за нашите млади колеги кои за првпат ќе ја облечат работната униформа, инспирација за иднината на нашата земја – за нашите деца, додаде министерот Спасовски. Ова, според него, е дополнителен мотив и во наредниот период со уште поголема енергија да продолжиме да ги градиме севкупните капацитети на оваа наша институција, да се посветиме на градењето на европски стандарди во полицијата, согласно владините стремежи Европа да ја донесеме дома. Уверен сум дека само така ќе оствариме уште подобри резултати во работењето, во полза на сите граѓани на Република Северна Македонија, а Министерството за внатрешни работи ќе го издигнеме на уште повисоко ниво, како силна институција која го гарантира редот, безбедноста и владеењето на законите. - Денот на полицијата, кој за мене претставува симбол на пожртвуваноста, одговорноста, храброста, моралот – карактеристики што треба да ги развива секој поединец кој положил заклетва пред сината униформа. Задоволството е уште поголемо што денеска, сите ние сме сведоци на она што го постигнавме во изминатиот период, во една навистина тешка година, кога светот се соочи со пандемијата со коронавирусот, па редовните активности добија уште еден приоритет - борбата за спречување на ширење на Ковид-19. Ова за нас претставуваше дополнителен мотив да работиме двојно повеќе со цел излез од кризата, со што помалку последици, рече Спасовски. Горд сум, посочи министерот за вцнатрешни работи, што и покрај несаканата ситуација, со која како се соочивме на глобално ниво, покажавме дека во ова министерство работат професионалци кои неуморно ги извршуваат своите обврски, непоколебливо се борат против криминалот и корупцијата, против тероризмот, се грижат за јавниот ред и мир и за секојдневните потреби на граѓаните. Спасовски истакна дека за ефикасноста на полициската работа покажуваат конкретните резултати во борбата против криминалот. -Во речиси сите сегменти е очигледно подобрувањето на резултатите, а евидентно е и генералното намалување на криминалитетот. Така, во периодот од 1 јануари до 15 април 2021 година кривичните дела бележат тренд на намалување за 9,5 отсто, во споредба со истиот период минатата година. Организациските единици во Бирото за јавна безбедност активно постапуваат по седум оперативни акции и резултатите од нив се видливи: зголемена откривачка функција на наркотици и оружје, спречување на илегалната миграција и криумчарењето на мигранти, санкционирање на економскиот криминал, сузбивање на сериозниот и организиран криминал. Зајакнатите сообраќајни контроли, пак, придонесоа за создавање на што побезбедни средини за граѓаните, па 2020 година беше година со најмалку жртви во сообраќајот. Покажавме дека знаеме да се фатиме во коштец со неселективната борба против криминалот и корупцијата, да застанеме храбро и одважно во заштита на бескомпромисното владеење на законите, бидејќи нашата заедничка цел е нулта толеранција за корупцијата, нулта толеранција за сите кои ќе го прекршат законот, без исклучок!, нагласи министерот Спасовски. Ваквите резултати, како што додаде, влијаат и врз зголемување на довербата од страна на граѓаните кои, како што рече Спасовски, отсекогаш знаеле да ценат чесна, несебична работа и беспрекорно извршување на должностите, со што се гради и имиџот на полицијата, воопшто. -Министерството за внатрешни работи прерасна во институција која што претставува заштитник на слободите и правата на граѓаните, на нивната сигурност и безбедност, како и на сигурноста и на безбедноста на општеството во целина. Полициските службеници веќе се препознаваат како прв пријател кој е најбаран во незгода или во тешка ситуација, создавајќи чувство на доверба, на сигурност кај граѓанинот, нагласи тој. Денешната визура на Министерството за внатрешни работи, нагласи Спасовски, е производ на интензивните и динамични реформи, во кои што, пак, Министерството ги отвори вратите за соработка со меѓународните партнери, академската јавност, граѓанското општество и медиумските работници, поставувајќи се како реален сервис на граѓаните. -Министерството за внатрешни работи со своите вработени претставува реална слика на нашето мултиетнички обединето општество, а евидентни се позитивни промени и во напорите за обезбедување на родова еднаквост и еднакви можности во полицијата, како преку зголемениот број на жени-полициски службеници со секоја нова генерација, така и со сѐ поголемиот број на жени на раководни позиции во Министерството, чија улога е извонредно важна во полициското работење. Впрочем, уверен сум дека полицијата во мешан состав, како етнички, така и родов, може на подобар начин да одговори на безбедносните потреби на државата, на нашите граѓани, истакна министерот Спасовски. Овие извонредно големи чекори напред, како што посочи  тој, придонесоа кон остварување на една од примарните стратешки цели на државата - наше полноправно членство во најмоќниот сојуз - НАТО Алијансата. - Продолжуваме со несмален интензитет до нашето ново одредиште – Европската Унија. Остварувањето и на оваа наша стратешка цел бара од сите институции на системот да бидат подготвени, да се надградуваат, унапредуваат, професионализираат, стандардизираат. Полицијата тоа, без дилема го прави!, нагласи Спасовски. На одбележувањето на Денот на полицијата присуствува претседателот на државата Стево Пендаровски, началникот на Генералштабот на Армијата Васко Ѓурчиновски, претставници на Владата, амбасадори и полициски аташеа, раководство на Министерството за внатрешни работи, како и претставници на семејствата на загинатите припадници на Министерството за внатрешни работи. дма/свс/

Остани поврзан