• вторник, 19 ноември 2024

Спасовски: Постои цврста политичка волја за борба против транснационалниот организиран криминал

Спасовски: Постои цврста политичка волја за борба против транснационалниот организиран криминал
Скопје, 20 октомври 2022 (МИА) - Безбедносната состојба на државните граници е стабилна и без позначителни промени во однос на изминатиот период, поради тоа што особено внимание се посветува на раното откривање и спречување на обидите за илегално минување на државната граница, како и спречување на криумчарењето на мигранти, посочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Спосовски денеска ја предводеше делегација од Министерството за внатрешни работи која во Берлин, Сојузна Република Германија, учествуваше на Состанокот на министри одговорни за внатрешна безбедност и миграција од земјите учеснички во Берлинскиот процес, и имаше обраќања на сите три сесии.

Во рамки на првата сесија, министерот информираше дека во делот на криумчарењето на мигранти, во  периодот од јануари до јули  регистрирано е значително зголемување на бројот на откриени случаи 57, што е зголемување од 119 проценти во однос на истиот период лани, а трендовите во областа на илегалната миграција во периодот јануари – јули се зголемени во поглед на истиот период минатата година, но немаат значителен импакт во однос на националниот систем за управување со миграции.

-Во периодот јануари – јули 2022 година спречени се вкупно 12.803 обиди за илегално минување на државната граница, што претставува зголемување од +7 проценти  во однос на истиот период лани, но и намалување од 27 отсто во однос на истиот период 2020 година, кога беа откриени 17.652 обиди, рече Спасовски.

Тој додаде дека миграциските текови во Северна Македонија бележат намалување за 80 проценти, но транзитната „Западнобалканска рута“ и понатаму останува активна. Напомена дека за справување со зголеменото движење не се доволни само национални мерки, туку продолжување и натамошно зајакнување на заедничкиот пристап на засегнатите земји, како и соработка со земјите на потекло, агенциите на ЕУ и на ООН, како и релевантни меѓународни организации.

Министерот Спасовски се обрати и на втората сесија на тема „Понатамошно интензивирање на проектната соработка во борбата против корупцијата и организираниот криминал“, на која се осврна на потребата од нови форми на соработка и дејствување на меѓународно ниво со оглед на сличноста на безбедносните закани не само за државата и регионот, туку и за земјите од ЕУ и САД.

Тој беше дециден дека во Северна Македонија постои цврста политичка волја и јавна свест за интензивна и континуирана борба против транснационалниот организиран криминал.

Додаде дека се прават напори, со поддршка и соработка од меѓународните и европските институции, за развој на ефикасна правна рамка и воспоставување на специјализирани институции за сузбивање на овој вид на криминал, како и за побрза и поефикасна размена на информации на билатерална и мултилатерална основа.

Според Спасовски, само со воспоставување на правна рамка за остварување меѓународна соработка меѓу полициските служби и јавните обвинителства во земјите од Европа, може да се застане на патот на организираниот криминал. 

-Полициските служби и јавните обвинителства повеќе од било кога се решени ефективно да се борат против прекуграничните закани со преземање координирани и заеднички акции против организираниот криминал. Имајќи ги предвид овие цели, цврсто сме решени за понатамошно интензивирање и зајакнување на регионалната и меѓународната соработка, подвлече министерот Спасовски.

Потсети дека од аспект на борбата против корупцијата минатата година во Охрид, министрите за внатрешни работи и за безбедност од регионот го потпишаа Регионалниот патоказ за спречување корупција и нелегално финансирање, кој претставува политичка декларација која служи како водич на државите за реакција во областите на превенција и спречување корупција во јавните набавки, зајакнување на системите за следење на судир на интереси и пријавување на имот и зајакнување на кривично правниот одговор против корупцијата и финансискиот криминал.

-Во однос на зајакнувањето на системите за следење на судир на интереси и пријавување имот, задоволство ми е да кажам дека МВР има нормирано посебен член во Законот за внатрешни работи со кој се воспоставува обврска за полициските службеници за пријавување имотна состојба и интереси. Во делот на  кривично-правниот одговор против корупцијата и финансискиот криминал, пак, посебно важна е улогата на регионалната мрежа на специјализирани јавни обвинители, истражители и единици за финансиско разузнавање во државите на Западен Балкан, а МВР веќе учествува во работата на мрежата „Глоуб“ во рамки на која се разменуваат информации, добри практики и искуства во работата, објасни Спасовски. 

Во обраќањето за време на третата сесија, на тема „Справување со повратниците од региони на џихад“, Спасовски потсети дека нашата држава од 2020 година го започна процесот на подготовка за институционaлен одговор за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на странски терористички борци и нивните семејства кои се враќаат од конфликтните подрачја, лицата кои се радикализирани, но кои не заминале во конфликтни подрачја, лицата кои не поминале низ затворскиот систем, но и лицата кои поминуваат низ постпенален третман, а биле осудени за дела поврзани со тероризмот.

Тој потенцираше дека Владата усвои Националeн план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства, изготвен од страна на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, како обврска која поризлегува од Националните стратегии за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам и Заедничкиот Акциски план за борба против тероризам на земјите од Западен Балкан.

-Во рамки на процесот за репатријација по претходно добиени оперативни податоци дека од крајот на 2018 и почетокот на 2019 година, во бегалските кампови и затворски установи кои се под контрола на ‘Сириските демократски сили’ се наоѓаат и македонски државјани, и со оглед на фактот дека државата е дел од Глобалната коалиција за борба против тероризмот во Сирија, во соработка со странски партнери во областа на безбедноста, беше започната процедура за репатријација на странски терористички борци и членови на нивните семејства. Во оваа смисла беше организирана репатријација на 23 лица, односно 4 мажи, 5 жени и 14 децаинформираше министерот Спасовски. Додаде дека машките лица се спроведени во казнено-поправна установа во Скопје, каде врз основа на докази прибрани од отворени извори на информации и доказен материјал доставен од странски партнери, беше покренато обвинение од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а потоа донесени и високи затворски казни.

Според Спасовски, безбедносните закани наложуваат и нови форми на соработка и дејствување на регионално и на меѓународно ниво.

-Притоа, Министерството ја препозна потребата од изнаоѓање на квалитетен механизам за борба против најголемата закана на 21. век, поради што во Бирото за јавна безбедност, односно во рамки на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал воспоставена е посебна организациска едница со единствена надлежност - борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, рече Спасовски.

Тој ја потенцираше и меѓународната димензија на феноменот на странски терористички борци, при што порача дека ефикасната превенција и сузбивањето на појавните облици, како и справувањето со последиците би подразбирале координирана акција и градење на заедничка безбедносна стратегија.бт/са/

Остани поврзан