• сабота, 28 декември 2024

Спасовски: Повисока социјална помош и државна пензија се дел од политиката за искоренување на сиромаштијата

Спасовски: Повисока социјална помош и државна пензија се дел од политиката за искоренување на сиромаштијата
Куманово, 6 октомври 2021 (МИА) - Потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски на вечерашнава средба со граѓани од Куманово рече дека најранливата категорија граѓани се приоритет за помош. Тој кажа дека  со стабилна, долгорочна политика за искоренување на сиромаштијата им се помага на ранливите категории граѓани да имаат пристоен живот. - Најранливата група на граѓани се нашиот приоритет за помош, за социјалната категорија на граѓани обезбедивме средства со кои ја зголемивме социјалната помош за 300 проценти, рече Спасовски. Посочи дека со долгорочна и стабилна политиката за искоренување на сиромаштијата, директно им се помага на најранливите лица да имаат пристоен живот. - Да ги вратиме парите кај граѓаните, тоа е обврската која ја преземавме кога режимот направи пустош и ги осиромаши граѓаните. Ние не креираме барок и гипс картони, ги враќаме парите од граѓаните за граѓаните, рече Спасовски. Тој потенцираше дека на пензионерите над 65 години, кои не остваруваат услови за стекнување на пензија, овозможена им е државна пензија во висина од 6.000 денари месечно со што, како што рече, се покажува грижа за пензионерите и за граѓаните. - Продолжуваме да креираме социјални услуги блиски до граѓаните. Владата на СДСМ секогаш ќе се грижи за граѓаните и нивната благосостојба. Тоа е нашата основна мисија, порача Спасовски од Куманово. ам/мд/

Остани поврзан