• четврток, 26 декември 2024

Спасовски: Од 1 јануари државјанство во електронска форма и барање за пасош и лична карта по електронски пат

Спасовски: Од 1 јануари државјанство во електронска форма и барање за пасош и лична карта по електронски пат
Скопје, 17 август 2022 (МИА) - Од 1 јануари уверението за државјанство ќе може да се издава и во електронска форма преку Националниот портал за електронски услуги или преку квалификувана електронска препорачана достава на електронска адреса. Граѓаните ќе можат по електронски пат да поднесуваат и барања за издавање на лична карта и пасош. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот фејсбук профил информира дека се усвоени законските измени за целосна дигитализација на процесите со цел подобрување на искуството на граѓаните при вадење на лични документи. - Со цел подобрување на искуството на граѓаните при вадење на лични документи и спроведување на целосна дигитализација на процесите, ова раководство на МВР пристапи кон хармонизирање на законската регулатива со европското законодавство, со тоа што беа предложени законски измени коишто Собранието на Република Северна Македонија ги усвои во март годинава, а стапуваат на сила 1 јануари 2023 година, наведува Спасовски. Поднесувањето на барање за издавање на лична карта и пасош е овозможено согласно измените и дополнувањата на Законот за лична карта, Законот за патни исправи, Законот за лично име и Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето. - Во постапки определени со закон, како што е прибавување на доказ за објава во Службен Весник за загубена лична карта, истиот го прибавува МВР по службена должност преку Националната платформа за интероперабилност. МВР може да издаде решение за поништување на матичен број на граѓанин или странец како електронски документ, појаснува Спасовски во фејсбук статусот. Со цел усогласување со дигитализацијата на процесите поврзани со постапките утврдени со закон, како што наведува Спасовски, формирани се работни групи кои работат на ревидирање на законите и подзаконските акти во надлежност на МВР и тоа на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за оружјето, Законот за детективската дејност, Законот за странци, Законот за полиција, Законот за меѓународна и привремена заштита, Законот за заштита од експлозивни материи, Законот за следење на комуникациите, Законот за прометот на експлозивни материи и Законот за приватно обезбедување. фф/бак/

Остани поврзан