• вторник, 24 декември 2024

Спасовски: Договорот со ФРОНТЕКС е показател за заедничките ризици и одговорноста за креирање на меѓународната безбедност

Спасовски: Договорот со ФРОНТЕКС е показател за заедничките ризици и одговорноста за креирање на меѓународната безбедност

Скопје, 4 април 2023 (МИА) - Уверен сум дека многу брзо заеднички ќе ги констатираме придобивките од потпишаниот Договор со Фронтекс и неговото значење за контрола на миграциските текови, обезбедувањето на надворешните граници на ЕУ и безбедноста на границите во регионот на Западен Балкан, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на тркалезната маса во Љубљана во организација на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии, како дел од циклусот „Западен Балкан и ЕУ“.

Говорејќи за илегалната миграција како сѐ уште актуелна закана со која се справуваат земјите во регионот, Спасовски го сподели податокот дека лани во државава се спречени се 27.394 обиди за илегални преминувања, најмногу на граница со Грција - 24.968 обиди, при што Граничната полиција имаше зголемена откривачка активност од 31,2 отсто при спречување на обидите за илегални преминувања.

- Појавата на криумчарење мигранти бележи пораст, па зголемен е бројот на откриените случаи за 67,2 отсто, а за речиси 80 проценти е зголемен и бројот на спречени криумчарени мигранти - вкупно 1.454. Сузбиена е и 13-члена организирана криминална група, а најголем број од случаите, дури 73 отсто, се откриени на нашата јужна граница, посочи министерот Спасовски, најавувајќи дека од 1 април стапи на сила Договорот со ФРОНТЕКС, а од 19 април, Европската агенција за гранична и крајбрежна стража и Република Северна Македонија стартуваат со заедничката операција на македонско-грчката граница.
Тој рече дека Договорот ги опфаќа најзначајните аспекти на соработката помеѓу нашата држава и оваа европска Агенција, кои се однесуваат на безбедноста на границите.

- Важноста од операционализација на Договорот со ФРОНТЕКС е показател дека во современиот свет сите споделуваме заеднички ризици и предизвици. Затоа и е неопходно да бидеме способни да го споделуваме и товарот во креирање на меѓународниот мир и безбедност и да инвестираме во него, од секаков аспект, вклучително и од аспект на развој на полициските, воените и цивилните способности за безбедност и одбрана, порача Спасовски.

Како што информираат од МВР, покрај министерот Спасовски, на темата „Како да го направиме Западен Балкан подобар и попросперитетен од сигурносен аспект“ свои дискусии имаа и министерот за сигурност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ и проф. д-р Зијад Беќировиќ, директор на институтот ИФИМЕС и модератор на дискусијата.  

Коментирајќи ја почетната теза на проф. д-р Беќировиќ, дека Северна Македонија и Босна и Херцеговина се земји клучни за стабилноста на Западен Балкан, кој пак повторно доби на важност во глобални рамки со оглед на новонастанатата геополитичка ситуација, министерот Спасовски истакна дека таквиот став е повеќе од оправдан имајќи ја предвид геостратешката поставеност на двете држави, кои граничат со земји членки на ЕУ, но сѐ уште не се дел од заедницата, чија безбедност на границите е посебно важна, како прв и последен филтер пред влез во европската капија, кои истовремено градат и негуваат мултиетнички и мултиклутурни општества.

Министерот додаде дека руската агресија врз Украина, меѓу другото изврши влијание и врз политичките и безбедносните процеси врз регионот на Западен Балкан, во економскиот и енергетскиот сектор, особено на пазарот со електрична енергија, нафтените деривати и природниот гас, како и на пазарот со храна, додека падот на стандардот кај граѓаните остава широк простор за лесно регрутирање на нови членови во организираните криминални групи.

Осврнувајќи се на хибридните закани врз земјите од регионот, најмногу со лажни дојави за бомби по објекти, кибер напади на институции и без малку константна борба преку социјалните мрежи со ширење на лажни вести, дезинформации и говор на омраза, Спасовски подвлече дека МВР и сите безбедносни служби активно работеа во полн капацитет и безбедноста во ниту еден момент не беше загрозена.

- Тоа резултираше со поднесени кривични пријави против неколку лица, а разбиен е и еден кластер на лица кои биле вмешани во испраќањето на лажните дојави за бомби, за кои истражните постапки се уште се во тек. Инаку, како што веќе знаете, дојавите не се само на наша територија, туку и во Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина.... што значи, практично, цел регион, рече Спасовски.

Потенцирајќи дека руската воена агресија над Украина до овој момент нема директна рефлексија на состојбите со организираниот и сериозниот криминал во нашата држава, имајќи го предвид малиот број украински бегалци и семејства кои побарале засолниште во Северна Македонија, министерот Спасовски се осврна на секундарните последици од воените дејствија од типот на криумчарење оружје, акцизни стоки, злоупотреба на украински документи во врска со криумчарење мигранти и недозволена трговија со дрога.
Тој информираше дека во рамки на областа за недозволената трговија со оружје во земјава во текот на 2022 година бројот на откриени кривични дела бележи зголемување за 12,4 отсто, а бројот на сторителите е зголемен за 8,2 проценти.

- За одбележување се активностите кои ги презема тимот за поддршка на EMPACT преку мобилизирање на оваа платформа за справување со закани кои произлегуваат од сериозен и организиран криминал, а поврзани со војната во Украина. Борбата против трговијата со наркотични средства и трговијата со оружје е еден од приоритетите во борбата против организираниот криминал и кон тоа сме насочени целиот изминат период. Значајни резултати во 2022 година постигнавме во оваа област за што говори и сузбивањето на 12 организирани криминални групи, 10 спречени меѓународни транспорти, седум откриени насади со марихуана и три лаборатории, а за одбележување се и откриените случаи на злоупотреби на контролирано производство на марихуана во правни субјекти, истакна Спасовски.

Тој потенцираше дека се запленети рекордни над 2,4 тони дрога, од која најголемиот дел марихуана, меѓутоа и хашиш, кокаин, хероин, амфетамини и околу 20 тони прекурсори за производство на синтетичка дрога, додавајќи дека во рок од шест месеци беа спроведени две големи уништувања на дрога, со вкупно уништени околу 12 тони различни видови дрога и психотропни супстанци кои беа одземени во 2022 година по основ на правосилни судски одлуки донесени по завршени кривични постапки и судски решенија за нивно ништење.

Инаку, во рамки на денешната работна посета на Словенија, Спасовски учествуваше на 11. Неформален состанок на министрите за внатрешни работи во рамки на „Брдо процесот“ во Порторож, каде на маргините на форумот имаше билатералната средба со неговиот словенечки колега Боштјан Поклукар, а во Македонската православна црква „Богојавление Водици” во Копер се сретна со претставници од македонската дијаспора. сх/сп/

Фото: МВР

Остани поврзан