• недела, 24 ноември 2024

Спасовски - Нешиќ: Западен Балкан станува двигател за соработка во решавање предизвици и дејствување во регионални проекти

Спасовски - Нешиќ: Западен Балкан станува двигател за соработка во решавање предизвици и дејствување во регионални проекти

Скопје, 7 јуни 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска беше во работна посета на Сараево, Босна и Херцеговина и учествуваше на Сараевскиот миграциски дијалог 3. Спасовски во Сараево имал и билатерална средба со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ.

Како што соопштија денеска од МВР, на средбата меѓу другото, се разговарало за поинтензивна соработка во неколку области од заеднички интерес на двете министерства.

Истакнувајќи дека билатералната соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина бележи интензивна нагорна линија и претставува пример за одлична регионална соработка која се спроведува и на оперативно и на стратешко ниво, министерот Спасовски додал дека заеднички императив на двете министерства е борбата против организираниот и впрочем, секој вид на криминал, во рамки на која неминовно е одржувањето и продлабочувањето на меѓусебната соработка и размена на искуства и знаење.

- Во оваа насока, за време на нашата билатерална средба разговаравме за неколку прашања од взаемен интерес и потреба, меѓу кои првенствено за зајакнување на полициската соработка и тоа преку усогласување и склучување на неколку акти со кои ќе се олесни натамошната реализација  на ваквата соработка помеѓу експертските тимови на двете министерства. Имено, станува збор за Меморандум помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина за поддршка и соработка во областа на заедничките обуки, Протокол помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина за формирање на заеднички работни тимови, како и Протокол помеѓу Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина и Министерство за внатрешни работи на Република Северна Македонија за соработка  во областа на форензичките испитувања и вештачења, рекол министерот Спасовски.

Во однос на миграциите, имајќи предвид дека Република Северна Македонија е првата земја од регионот која потпиша и веќе и го операционализираше Договорот помеѓу Европската Унија и државата за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во РСМ согласно новата Регулатива за Агенцијата, министерот Спасовски ја истакнал подготвеноста на Министерството и неговите припадници да го споделат искуството и во преговорите за усогласување  на текстот на Договорот, а воедно и за деталите во однос на распоредувањето на персоналот на Фронтекс со припадниците на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина. 

За таа цел, на заедничката средба министерот Спасовски му предал копија од потпишаниот договор на министерот Нешиќ, а било предложено и формирање работна група составена од наша страна од припадници на Министерството кои беа вклучени во преговорите за усогласување на текстот на Договорот со оваа Европска агенција.

Изразувајќи увереност дека клучот за успех е добра соработка, редовна комуникација, координација и размена на искуства со колегите полициски службеници од двете земји, како што впрочем и се докажува со заедничките средби и посветеноста на заедничко работење, министерот Спасовски се заблагодарил на министерот Нешиќ за неговото лично учество и посветеност на меѓусебната соработка и инволвираноста во подобрувањето на истата на стратешко и оперативно ниво.

- За неполни десетина дена, Министерството за надворешни работи под покровителство на Претседателот на државата, го организира третото издание на Преспа Форумот во рамки на кое ќе ми претставува чест да бидам домаќин на сесија посветна на миграциите, и во рамки на која заеднички ќе дебатираме на прашањето на управувањето со миграциите како прашање на солидарност и заедничка посветеност. Годинава државата е претседавач со Организацијата за безбедност и соработка на Европа, а од први јули го преземаме и претседавањето со Процесот за соработка на Југоисточна Европа. Зголеменото присуство на Република Северна Македонија на меѓународната и регионална сцена е доказ дека се движиме во вистински правец и дека е тоа препознаено од различните актери. Но ова не е случај само за мојата држава, туку и за целиот регион, вклучително и за Босна и Херцеговина, изјавил министерот Спасовски.

Време е да кажеме, истакнал Спасовски, дека регионот на Западен Балкан станува двигател и појдовна точка за соработка, заедничка работа и пример за посветеност во решавањето проблеми заеднички безбедносни предизвици и заедничко дејствување во регионални проекти и активности.

- Од аспект на нашата билатерална соработка, јасно е дека имаме многу заеднички работи, области за дискусија и заеднички интерес и дека во периодот што претстои ќе останеме посветени на промовирање на заемно дејствување, докажувајќи дека сме сериозни партнери во борбата против постоечките и новите предизвици на национално и регионално ниво во областа на сериозниот и организиран криминал и илегалната миграција, потенцирал Спасовски во изјавата за босанските медиуми, притоа заблагодарувајќи се на министерот Нешиќ и на неговиот тим за гостопримството и за воспоставеното пријателство. 

Босанскиот министер за безбедност Ненад Нешиќ упатил искрена благодарност до министерот Спасовски  за досегашната одлична соработка на нашите две министерства и во оваа прилика  истакнал дека се идентификувани две заеднички цели - членство во ЕУ и придонесот  безбедносните ресори  да бидат локомотиви на тоа придружување.

- Ние сме на чело на две министерства кои носат огромна одговорност за безбедноста и стабилноста на регионот, а со тоа и на Европа, имајќи ја предвид нашата географска положба. По ЕУРОПОЛ и воспоставувањето целосна соработка, следен наш чекор е соработката во делот на договорот со ФРОНТЕКС, рекол Нешиќ.

Северна Македонија ги заврши преговорите со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС) и беше истакната нивната подготвеност да ги споделат своите искуства со БиХ во преговорите за потпишување на овој договор.

- И Северна Македонија и Босна и Херцеговина, како и цела Европа, мора да дејствуваат обединето за да ги спречат криминалците да профитираат од проблемите на луѓето. Во оваа смисла, успехот на Северна Македонија со ФРОНТЕКС и самата идеја на ФРОНТЕКС за нас на Западен Балкан, исто така, носи порака дека некако сме дел од единствен европски политички простор. Останува на нас како држави  дали ќе го искористиме како средство за скратување на нашиот пат кон ЕУ, нагласил Нешиќ. цр/дма/

Фото: МВР

Видео: МВР

Остани поврзан