• четврток, 26 декември 2024

Спасовски на работна средба со претставници на Делегацијата од Европскиот центар за следење на дроги и зависности од дрога

Спасовски на работна средба со претставници на Делегацијата од Европскиот центар за следење на дроги и зависности од дрога

Скопје, 20 септември 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски денеска остварија  работна средба со  делегација од Европски центар за следење на дроги и зависности од дрога (ЕМЦДДА) предводена од Фредерик Денекер, ИПА проект координатор.

Како што соопшти МВР, Европскиот центар за следење на дроги и зависности од дрога соработува со институциите на земјите кандидати и потенцијални кандидати за ЕУ од 2008 година преку развивање и спроведување на проекти за техничка соработка финансирани од ИПА  програмата, како што е тековниот проект  ИПА регионалниот проект за техничка соработка со земјите од Западен Балкан.

- Крајната цел на овие проекти  е да ги запознаат корисниците  co политиките и методите на работа на ЕУ, како и подготовка за учество во работата на ЕМЦЦДА.  Во таа насока и  министерот Спасовски истакна дека борбата против недозволената трговија со дрога е еден од врвните приоритети на Министерството и дека соработката со Центарот е од клучно значење за МВР, стои во соопштението. 

На состанокот, како што се наведува, беа истакнати целите на оваа соработка која се фокусира на  собирање и анализирање на податоци за прашања поврзани со дрогите, обезбедувајќи вредни увиди за трендовите на дрогите, моделите на употреба и нивните социјални и здравствени последици.  Соработката со Центарот помага да се усогласат политиките и стратегиите за дроги низ европските земји, како и за воспоставување на систем за рано предупредување за откривање на новите закани и трендови од дрога.

- Генерално, соработката со ЕМЦДДА е од витално значење за информирано креирање политики, координиран одговор на предизвиците со дрогите и заштита на јавното здравје и безбедност во Европа, за што и двете страни се сложија дека соработката и во иднина ќе продолжи и ќе се интензивира, се вели во соопштението од МВР. мд/ац/

Фото: МВР 

Остани поврзан