• сабота, 28 декември 2024

Спасовски: Лидерството, истрајноста и визијата на Глигоров беа клучни во формирањето на нашата демократија

Спасовски: Лидерството, истрајноста и визијата на Глигоров беа клучни во формирањето на нашата демократија

Скопје, 1 јануари 2024 (МИА) - Со длабока почит се сеќаваме на великанот Глигоров кој ја предводеше нашата земја во време на големи предизвици и промени, и кој со својата несебична служба кон нацијата и заложба за Македонија како безбедна, напредна и европска држава во семејството на европските демократии, ја претставува енциклопедијата на македонската државност, напиша утрово на Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод 12-годишнината од смртта на првиот претседател на современата македонска држава, Киро Глигоров.

Неговото лидерство, истрајност и визија, како што посочува Спасовски, беа клучни во формирањето на нашата демократија.

-Државник кој со мудрост и умереност ги водеше преговорите за независноста на државата, демонстрирајќи дипломатска вештина и останувајќи цврст во барањето за мирен и достоинствен преод кон суверенитет. Тој останува симбол на стремежот кон европска иднина и единство на македонскиот народ, истакнува Спасовски.

На овој ден, како што вели Спасовски, се потсетуваме на таа непоколеблива посветеност кон нашата земја, за неговиот придонес кон изградбата на нашите институции и за вербата во принципите на демократијата и правната држава.

-Неговото наследство инспирира и служи како компас во нашите современи напори за напредок и развој. Нека ликот и делото на Киро Глигоров останат во вечно сеќавање на македонскиот народ! Слава му! , напиша министерот Спасовски. дма/

Фото: Фејсбук на Оливер Спасовски

Остани поврзан