• недела, 24 ноември 2024

Спасовски: Изолацијата на државата, посебно од внатре е неприфатлива, се разговара со секој пратеник

Спасовски: Изолацијата на државата, посебно од внатре е неприфатлива, се разговара со секој пратеник

Куманово, 23 август 2023 (МИА) - Една од клучните цели и приоритети на државата е членството во Европската Унија и ако сите знаеме дека тој пат нема алтернатива, а нема заради тоа што досега не беше понудена никаде, тогаш е многу јасно дека треба да работиме и да направиме се да го отвориме тој пат, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. 

-Изолацијата на државата, посебно изолација која што доаѓа од внатре е неприфатлива. Се разговара со секој пратеник заради тоа што сега одговорноста е на пратениците, оние коишто ги претставуваат граѓаните. Мислам дека никој нема право да ја држи во заложништво перспективата на македонските граѓани, рече Спасовски во одговор на новинарско прашање при денешното одбележување на Денот на Единицата за брзо распоредување во Куманово.  

Посочи дека и во наредниот период ќе продолжат низ дијалог, низ политичка активност да бараат начин за да бидат донесени уставните измени кои се неопходни за земјава да го продолжи евроинтеграцискиот процес.

-Посакувам час поскоро да ги завршиме сите овие активности и Република Северна Македонија да продолжи напред на патот кон европските интеграции заради тоа што ако застанеме на овој пат, многу години чекање како што се чекаше досега има негативен ефект исклучиво врз граѓаните и врз државата, а не врз политичарите, рече Спасовски.  

Порача дека е важно политичарите да бидат разумни, да не гледаат за свој личен интерес, да не гледаат за политика која што ќе биде од денеска за утре, туку да гледаат визионерски, да гледаат напред, да гледаат после 20, после 30 години кога, како што кажа, сите ние би биле дел од европското семејство. 

Прашан за коментар на ставот на лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари дека со не носењето на уставните измени ќе се отвори  пандорината кутија, рече дека за тоа треба да се праша токму Таравари.

-Мојот став е многу јасен. Значи, перцепциите не може да бидат поинакви од тоа што го посакува мнозинството на граѓаните на Македонија, а тоа е да се движиме силно напред кон европските вредности, потенцира Спасовски.вј/ев/

Фото: МВР

 

Остани поврзан