• недела, 24 ноември 2024

Спасовски: За справување со миграцијата не се доволни само национални мерки, туку заеднички пристап на засегнатите земји

Спасовски: За справување со миграцијата не се доволни само национални мерки, туку заеднички пристап на засегнатите земји
Скопје, 24 октомври 2022 (МИА) - За справување со зголеменото движење и воопшто со миграцијата, не се доволни само национални мерки, туку и продолжување и натамошно зајакнување на заедничкиот пристап на засегнатите земји, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, брифирајќи ги колегите министри дека и покрај опаѓањето од околу 80 отсто на миграциските текови на границите во Република Северна Македонија, таа е сè уште атрактивна транзит земја како дел од Западно-балканската рута.
Како што пренесуваат од МВР, во своето денешно обраќање на Четвртата Министерска конференција во рамки на Прашкиот процес, која се одржува во Прага, Чешка Република под Чешкото претседателство со Советот на ЕУ, министерот Спасовски истакнал дека како таргетиран миграциски дијалог и процес кој го промовира миграциското партнерство помеѓу земјите од поширокиот регион на Европа, Централна Азија, Источното Партнерство и надвор од него, оваа иницијатива за соработка имаше за цел зајакнување на соработката во управувањето со миграцијата, утврдување на договорени начела и елементи за тесно миграциско партнерство, користејќи притоа сеопфатен, балансиран, прагматичен и оперативен пристап.
- Она што започна како проект за градење на миграциски партнерства во 2009 година, денес е процес на соработка со учество на педесетина држави и партнери, со заедничка цел и заеднички пристап, подвлече во своето обраќање министерот Спасовски, пренесуваат од МВР.
Тој дополни дека е потребен  заеднички пристап за заеднички проблеми за да се стигне до заеднички решенија.
- Континуираната меѓународна соработка, надополнета со оперативна соработка ќе придонесе до зајакнато управување со границите и подобра контрола на граничните премини. Дополнително, за уште поефикасно справување со илегалната миграција потребна е промоција на доброволно враќање и склучување и спроведување на договори за реадмисија со земјите на потекло, порача Спасовски.Во однос на приоритетите на МВР, Спасовски посочи дека и натаму останува ефикасната меѓународна соработка, односно продлабочувањето и одржувањето на меѓународната соработка со земјите од регионот, со земјите на транзит, потекло, со агенциите на ЕУ - во прв ред ФРОНТЕКС, Европол, ЕАСО, со агенциите на Обединетите нации – ИОМ, УНХЦР и со други релевантни меѓународни организации.- Задоволство ми е да го информирам овој ценет форум дека сме во финална фаза, пред потпишување на Статусниот договор со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, преку кој дополнително ќе се зајакнат безбедносните капацитетите и ќе се интензивира регионалната и европската соработка. Уверен сум дека неговата операционализација ќе придонесе кон зголемување на граничната безбедност на национално, но и на регионално ниво, рече Спасовски.Во однос на приоритетите од новиот петгодишен Акциски план 2023 – 2027 на Прашкиот процес, кој е една од точките на оваа Министерска конференција, и тоа спречување и борба против нерегуларна миграција и криумчарење мигранти, промовирање реадмисија, доброволно враќање и одржлива реинтеграција, справување со легална миграција и мобилност со посебен акцент на трудова миграција, промовирање интеграција на мигранти кои легално престојуваат во општеството што ги згрижува, правење позитивни напори за развој на миграција и мобилност и зајакнување на капацитетите во областа на азил и меѓународна заштита, Спасовски истакна дека му претставува особено задоволство што Акцискиот план за периодот 2023-2027 во голема мерка ги рефлектира приоритетите на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, кои, како што рече, „ги тангираат областите на управување со миграцијата, а Декларацијата која денеска ја усвојуваме е показател за нашата заедничка перспектива“.
Прашкиот процес е дијалог во кој се вклучени земји од Европа и Централна Азијаа и го промовира партнерството меѓу земјите од Европската Унија, Шенген зоната, Југоисточна и Источна Европа, Централна Азија и Турција (50 земји учеснички).
Министерската конференција во Прага е четврта по ред, по конференциите во Прага 2009 година, во Познањ 2011 и во Братислава 2016 година. ар/нд/

Остани поврзан