• петок, 27 декември 2024

Спасовски за објави на Мицкоски за Онкологија: Секој кој има докази да ги достави до обвинителството

Спасовски за објави на Мицкоски за Онкологија: Секој кој има докази да ги достави до обвинителството

Скопје, 3 ноември 2023 (МИА) - Важно е за која било постапка која што се води, доколку кој било граѓанин поседува какви било докази, тие докази да ги достави до надлежното јавно обвинителство и на тој начин да помогне во истрагата, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовки на денешната седница на собраниската Анкетната комисија за скандалот во Клиниката за онкологија одговарајќи на прашање од пратеник за наводите што ги изнесе вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за случајот  повикувајќи се на извештаи од свиркачи што го опфаќаат периодот до август годинава.

-Прво, јас не можам да знам и ниту треба да знам кој и какви намери има со објаснување на било какви информации. Доколку постојат докази, а не ги доставува до надлежните истражни органи, ќе значи прикривање на доказите. Или пак доколку постојат докази, а ги објавува јавно како документација кои се наоѓаат како дел од предметот, тоа значи компромититање на доказите и на целата истражна постапка, рече Спасовски.

Министерот Спасовски истакна дека во моментов не смее и ниту може да изнесува информации, податоци за тоа кои документи се одземени од страна на МВР преку наредбата од надлежниот суд и обвинителство во однос на целиот овој процес.

Спасовски рече дека настаните за Онкологија почнуваат на 31 август 2023 година кога првпат од страна на крим-полиција, Секторот за економски криминал и корупција доставено е известувањето до ОЈО и посочи дека тие траат до денеска и ќе траат се до завршување на целата постапка.

-Сите информации, оперативни сознанија, податоци кои што ги прибираме и можат да бидат од корист на истрагата и завршување на целиот овој предмет и сите барања кои се добиваат од страна на ОЈО за постапување се анализираат и се доставуваат во истрагата затоа што веројатно сето она што може да биде од помош, од корист за да дојдеме до конечниот одговор е суштината на целиот овој предмет. За сите аспекти кои се поврзани со настанот се анализира, рече Спасовски. 

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Коцевски забележа дека министерот неколку пати во неговото обраќање вели истрага, па побара да одговори дали случајот се наоѓа во предистражна или истражна постапка. Министерот Спасовски го упати пратеникот за подетални информации за случајот да се обрати до ОЈО.

На прашањата на пратениците одговара јавниот обвинител Љубомир Јовески. Треба да биде сослушуван вторпат и поранешниот директор на  Клиниката за онкологија Нино Васев. На денешната седница биле поканети да сведочат и поранешниот министер за здравство Венко Филипче и Миле Сугарев, актуелениот директор на ФЗО. Мизрахи на почетокот на седницата информираше дека Сугарев не можел да присуствува на седница поради службен пат надвор од Скопје. Таа соопшти дека Филипче во допис ја известува Анкетната комисија дека заради приватни обврски и патувања во странство не може да присуствува повторно на Комисијата. Известил и дека во првото појавување ги одговорил сите прашања и изложил ставови за овој процеси оти стои на располагање да одговара писмено. Мизрахи рече дека Анкетната комисија  не е седница на пратенички прашања, а тој веќе не е министер.

Мизрахи претходно на прес-конференција соопшти дека ќе побара продолжување на рокот за работа на оваа комисија и да се прошири опфатот на периодот на кој се однесува нејзината работа.

Одлуката за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка. Поради наводите за злоупотреба на лекови на Клиниката, имаше реакции во јавноста и протести. фф/лв/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан