• недела, 24 ноември 2024

Спасовски во посета на реконструираниот објект на ОВР Берово

Спасовски во посета на реконструираниот објект на ОВР Берово
Берово, 11 јули 2022 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со дел од раководството на МВР го посети реконструираниот објект на Одделението за внатрешни работи Берово. Министерот изврши увид во градежно-занаетчиските работи на овој објект којшто е 75-тиот реконструиран објект на Министерството, во рамки на стратешкиот план за севкупно подобрување на условите и материјално-техничките капацитети на македонската полиција. - За целосната реконструкција и санација на 75-тиот реконструиран објект на ОВР Берово беа издвоени 26 милиони денари од буџетот на Министерството и по направениот увид можам да констатирам дека сите планирани градежни работи се извршени навремено и квалитетно, при што се имплементирани потребните мерки и стандарди за енергетска ефикасност на објектот, посочи министерот Спасовски, додавајќи дека над 60 отсто од вкупната бројка на објекти се енергетски ефикасни, а за имплементација на овие мерки, од буџетот на МВР инвестирани се околу 460 милиони денари. Тој ја најави и кампањата што од наредната недела стартува во рамки на МВР под мотото „Сината униформа дејствува за зелена околина“, што произлегува од веќе реализираните активности во насока на зголемување на енергетската ефикасност и поголемо учество на обновливите извори на енергија преку инвестициите во објектите на МВР, која има за цел да ја подигне јавната свест кај институциите, деловните субјекти и граѓаните дека секој може да придонесе за поголеми заштеди и намалена загаденост на воздухот и зелена околина. Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски упати благодарност до Владата и до МВР што овозможиле после долги години зградата на ОВР Берово да биде целосно реконструирана и да биде модерен сервис кој ќе дава услуги на граѓаните. - Со реконструкцијата на овој објект уште еднаш ја потврдуваме заедничката посветена работа која се гледа во сите општествени сфери. Уште повеќе што имплементираните мерки за енергетска ефикасност се во насока на определбата на беровци, нашето Берово да остане еколошки чисто, за во него да продолжат да се произведуваат еко производи, препознатливи во целата држава. А нашата полиција останува пример за тоа како се дејствува одговорно и како се сака татковината, рече Пекевски. вдј/фф/

Остани поврзан