• четврток, 26 декември 2024

Спасовски: Безбедносните служби работат со полн капацитет за да се зачуваат мирот и безбедноста и спокојот на граѓаните

Спасовски: Безбедносните служби работат со полн капацитет за да се зачуваат мирот и безбедноста и спокојот на граѓаните

Скопје, 16 февруари 2023 (МИА) - Нападите на веб-страниците на институциите се дел од хибридната војна, исто како што се и лажните дојави за бомби во училиштата, трговските центри и институциите. Тие многукратно се зголемија после руската агресија на Украина, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

- Тоа сугерира дека хибридните напади ќе бидат и многу пожестоки, а ако се согледа колкава разорна моќ имаат, може да бидат многу поопасни од конвенционалните. Овие напади се реалност не само што се случува кај нас, туку и пошироко. Истрагите кои се однесуваат на заканите за поставени експлозивни направи и оние кои се од ИП адреси за кои може да се докаже, веќе се изведени пред лицето на правдата. Очекуваме дека ќе ги обезбедиме сите докази за уште пет до шест случаи, рече Спасовски во одговор на прашање при денешната посета на реновираната кујна на Единицата за брзо распоредување во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“.

Тој нагласи дека безбедносните служби работат со полн капацитет за да се зачуваат мирот и безбедноста и спокојот на граѓаните и преземаат низа на активности за кои рече дека би можеле да бидат решение на проблемот.

- Се формираше посебен оперативен тим, кој даде одредени препораки кои се веќе усвоени на Влада и се стартува со нивна имплементација по сите институции во делот на хибридните закани. Во Фондот за Здравство се работи за хибриден напад со кој е влезено во нивниот систем. Веќе има пријава од Фондот и нашиот Оддел за кибер криминал работи интензивно на тоа во делот на истрагата, а бараме и поддршка од меѓународните партнери со цел да го заштитиме системот максимално за да може да продолжи да функционира и понатаму, рече Спасовски и додаде дека во моментов нема упади во други институции.

Имаше неколку обиди, но на секого, додаде министерот, мора да му биде јасно дека сите треба да бидеме дел од заштитата на тој систем и да посветиме многу поголемо внимание на овие кибер напади за да се зголеми отпорноста на институциите во делот на превенцијата.

- Не реално е да се очекува дека една институција може да ги штити сите институции. Секоја институција ќе мора да има соодветни заштити на својот електронски систем и да има експерти кои тоа ќе го прават. Системот на заштита треба да зајакнува и да се градат капацитетите. Процесот на електронски развој е динамичен и не можеме да си дозволиме да мислиме дека ако денеска имаме систем на заштита дека тој ќе биде релевантен и по шест месеци или година. Тој постојано треба да се обновува. Како МВР створивме услови во новиот ИКТ центар во Прилеп во кој сите институции може да имаат бекап на своите електронски податоци и веќе почнуваме да соработуваме со институциите, прецизира Спасовски.

Тој посочи дека голем број од институциите имаат консолидиран систем на заштита и успешно беа одбиени обидите за упад во нивните системи.

- Не се дозволи напаѓачите да влезат во системот и дел од тие податоци да бидат уништени. Хибридните закани и напади кои ги имаме се транснационални и во ниту еден момент не може да се поврзат со еден или друг заради тоа што не познаваат граници и користат ВПН адреси за кои кога ќе го правите испитувањето ќе ви се појави дека во 50 до 60 држави во светот има 1.000 до 2.000 такви ИП адреси. Ниту една држава до крај не може самостојно да се заштити од тоа, потенцира Спасовски.

Министерот препорача дека во вакви моменти сите треба да ги следат инструкциите што ги даваат институциите.

- Целта на оние кои ги прават ваквите напади е да се окупира вниманието на луѓето и да се создаде страв, несигурност и паника. Институциите се во полна работна пареа за да не дозволиме во ниту еден момент да ни се случи било што. Затоа треба да се има верба во институциите и да се сфати дека таму каде што има присуство на полиција е безбедна средина и тие се грижат за граѓаните. Дадени се инструкции на училиштата за да знаат како и во кој момент да се однесуваат и да делуваат со цел да не се создаваат дополнителен страв и паника, посочи Спасовски и додаде дека очекува тоа да даде резултат. вј/сх/

Остани поврзан