• четврток, 26 декември 2024

Спасовски: Партијата на Палевски мора да биде дерегистрирана

Спасовски: Партијата на Палевски мора да биде дерегистрирана

Скопје, 6 декември 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва упати порака дека мирот и стабилноста во државата никој не може да ги загрозува и дека партијата на Палевски мора да биде дерегистрирана. 

- Вакво криминално гнездо како што е направено, мора да се разбие до крај. И такви политички партии кои со, не знам какви проминенции тоа го прават, како што е оваа, таа мора да биде дерегистрирана, рече Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања на вонредната прес-конференција на која соопшти дека првоосомничениот Љупчо Палевски е приведен во Турција. 

Спасовски потенцираше дека најостро ќе бидат санкционирани сите оние кои пробуваат да пренесат страв и несигурност кај граѓаните и додаде дека МВР стои на располагање за секоја индиција за да се расчистат ваквите криминални дувла кои, како што рече, преку влијанија однадвор сакале да направат дестабилизација. 

Прашан за какви влијанија од странство се работи, Спасовски рече дека мисли на ставовите што ги застапува оваа политичка партија.

- Не знаеме лицето и таа партија какви ставови застапуваат? Не знаеме кои беа и што правеа во изминатиот период? Не знаеме за неговите емисии во коишто директно се спротиставуваа на напредокот на државата? На тие мислам, рече Спасовски.  

Тој исто така рече дека треба да се утврдат и фактите дали станува збор за некаква секта или не. 

-Дека станува збор за малоумни, за монструми, за луѓе кои не може да се наречат луѓе, тоа е факт, подвлече Спасовски, кој на прашањето за други докази за вмешаност на таткото на Вања, освен сведочењата на притворените, рече дека ако има нови информации, докази или потврди, ќе биде информирана јавноста кога ќе дојде моментот. сх/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан