• петок, 27 декември 2024

Спасени 382 мигранти од бродот под турско знаме што неколку дена беше на отворено море близу Крит

Спасени 382 мигранти од бродот под турско знаме што неколку дена беше на отворено море близу Крит
Атина, 31 октомври 2021 (МИА) – Во прифатниот центар за бегалци и мигранти на грчкиот остров Кос пренесени се 375 од вкупно 382 мигранти кои со товарниот брод под турско знаме неколку дена беа на отворено море источно од грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина. Од Министерството за миграција и азил на Грција соопштија дека бродот со денови пловел во меѓународните територијални води, а од вкупно 382 лица, една жена, која не се чувствувала добро, била оставена на островот Карпатос за да ја добие потребната помош, додека, пак, шест лица се задржани за распит. Останатите 357 се во прифатниот центар на Кос каде што во тек е процесот на регистрација, по што одреден период ќе бидат во карантин, а нивниот престој на островот ќе биде привремен, бидејќи станува збор за „необичен и специфичен случај“. Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис рече дека Грција „уште еднаш покажа дека ги заштитува човечките животи во море, во моментот кога другите се рамнодушни кон нивните обврски“. Преку Твитер, Митаракис коментираше дека Турција одбила да го прими назад бродот и дека станува збор за „уште едно опасно и нелегално патување од турскиот брег, кое турските власти не го видоа“. - Ја известивме ЕУ дека Турција одби да го преземе назад нивниот брод. Грција спаси стотици илјади луѓе во последните седум години. Време е ЕУ да дејствува и да обезбеди влијателна солидарност и да обезбеди почитување на изјавата ЕУ - Турција. Ова беше непотребно опасно патување олеснето од криминалните банди. За разлика од Турција и другите кои го игнорираа проблемот, Грција се активираше веднаш, обезбедувајќи им итна хуманитарна поддршка на луѓето на кои им е потребна, како што правиме секогаш. Но, Грција не може сама да ја реши миграциската криза, напиша Митаракис на Твитер. Бродот што тргнал од турското крајбрежје, а веројатно пловел кон Италија, откако му откажал моторот, побарал помош преку бројот за итни случаи 112. Од грчката крајбрежна служба во петокот соопштија дека во тек е акција за спасување источно од островот Крит, а товарниот брод го водат на безбедно место. Мигрантите по речиси два дена беа пренесени на копно. ср/паг/ Фото: Министерство за миграција и азил на Грција

Остани поврзан