• среда, 25 декември 2024

Спалети ќе продолжи да ја води Италија и покрај лошиот настап на ЕП 2024

Спалети ќе продолжи да ја води Италија и покрај лошиот настап на ЕП 2024

Рим, 30 јуни 2024 (МИА) - Селекторот на Италија, Лучано Спалети ќе продолжи да ја води селекцијата на Светското првенство во 2026. Ова го изјави првиот човек на Италијанската фудбалска федерација Габриеле Гравина на прес-конференција.

„Азурите“ синоќа загубија од Швајцарија со 0:2 во осминафиналето на Европското првенство во Германија и не успеаја да ја одбранат шампионската титула.

-Не можам да го вратам времето назад, се обидувам да се принудам да гледам само напред. Јасно е дека направив нешто погрешно во обидот да го подмладам тимот. Но, бидејќи останувам овде, ќе продолжам со мојата работа, изјави Спалети.

Гравина истакна дека главна цел по поканата на Спалети првично било Светското првенство во 2026 година.

-Спалети ја ужива нашата доверба. Кога разговаравме со него, ја таргетиравме 2026 година. Можеме да ги зголемиме нашите очекувања, но секогаш мораме да ја прифатиме реалноста бидејќи никој не може да гарантира резултати. Не можеме да се откажеме, мораме да го вратиме нашето ниво, да се подобриме и да го извлечеме најдоброто од овие момци. Ќе биде катастрофа ако не се пласираме на следното Светско првенство, изјави шефот на италијанскиот фудбал.

Италијанскиот тим ги пропушти последните две Светски првенства, губејќи двата пати во баражот. Селекцијата на Шведска не им дозволи на Италијанците да учествуваат на Светското првенство во 2018 година, а Македонија ги елиминира од турнирот во 2022 година.

Шеесет и пет-годишниот Спалети беше на чело на Наполи од 2021 до 2023 година, со кој стана шампион на Италија во сезоната 2022/2023. Тимот ја освои титулата во Серија А за прв пат по 33 години. Пред тоа, тој беше на чело на италијанските екипи Емполи, Сампдорија, Венеција, Удинезе, Анкона, Интер и Рома, со кои двапати го освои Купот на Италија и еднаш Суперкупот на земјата. дс

Фото: Архива

Остани поврзан