• сабота, 23 ноември 2024

СПАК побара мерка домашен притвор за Сали Бериша

СПАК побара мерка домашен притвор за Сали Бериша

Тирана, 22 декември 2023 (МИА) – Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, по добивањето на дописот од парламентот за одземање на пратеничкиот имунитетот на поранешниот албански премиер Сали Бериша побара од Специјалниот суд да му определи мерка „домашен притвор“.  

Барањето е потпишано од специјалните обвинители Арбен Краја и Енкеледа Милонаи, а одлука за новата мерка треба да донесе судијката Ирена Ѓока, од Специјалниот суд. Вчера, по барање на СПАК, со 75 гласа „за“, Собранието вчера му го одзеде имунитетот на Бериша, со што се отвори пат за негово апсење, јави Ора њуз.

СПАК побара заострување на мерката за Бериша, кому претходно му беше одредена обврска да се јавува секој прв и трет понеделник во месецот, мерка која поранешниот премиер ниту еднаш не ја испочитува. Исто така има забрана за напуштање на земјата.

Бериша е обвинет за „пасивна корупција“ и „злоупотреба на службената положба“ во врска со приватизацијата на поранешниот спортски комплекс „Партизани“ во Тирана, во која е обвинет Јамарбер Малтези, зет за ќерка, кој незаконски стекнал пет милиони евра.

Нему Специјалниот суд му одреди мерка притвор, но по жалбата доставена до Апелацискиот суд, истата му е преиначена во домашен притвор, по што СПАК побара од Врховниот да се врати мерката затворски притвор, за што се уште не се изјаснил. вт/сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан