• сабота, 28 декември 2024

Почна собраниската постапка за измените на Законот за локална самоуправа

Почна собраниската постапка за измените на Законот за локална самоуправа

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) -  Собранието денеска при утврдување на дневниот ред на 14. седница  со  69 гласа  „за“, 17 „против“ и без воздржани, прифати по скратена постапка да се носи Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа. За законските измени постапката ќе продолжи во Комисијата за локална самоуправа и Законодавно-правната комисија, а за да се изгласаат потребно е двотретинско мнозинство. 

Со предложените измени се предвидува вршителот на должност градоначалник во општините каде по сила на закон им престанал мандатот на избраните градоначалници да можат да ја извршуваат оваа функција до изборот на нов прв човек на општината. По парламентарните избори во земјата и изборот за министри и пратеници, в.д градоначалници има во Аеродром, во Гостивар и во Сарај. 

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ и еден од предлагачите на законот Никола Мицевски рече дека  законските измени треба да овозможат да нема избори за нов градоначалник до редовните избори ако има помалку од 12 месеци. Станува збор, потенцираше, за преодно решение кое ќе важи само до претстојните локални избори до октомври следната година.  

-Со членот 4 се уредува преодно решение за постапката за распишување нови избори за градоначалник, поради настапување на еден од случаите за престанок на мандатот на градоначалник по сила на закон до одржување на првите редовни избори за членови на советите на општините и Советот на градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на градот Скопје по влегувањето во сила на овој закон. Имајќи во предвид дека до распишување на нови локални избори има помалку од 12 месеци и тргнувајќи од начелото на економичност и економската состојба во државата, како и краткиот рок за организација на овие избори, а потоа доаѓаат и редовните локални,  продолжените законски решенија се со цел да ја постигнат целта поради која е предложен законот - односно да нема измени и овие кандидати за градоначалници да останат до одржување на редовните локални избори, рече Мицевски, покрај кој предлагачи на законот се и пратениците Халил Снопче и Бобан Карапејовски 

Како дел од дневниот ред на 14. седница, по скратена постапка ќе се носат и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Законот за медиуми, со кои се врши усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Пратениците дадоа поддршка по скратена постапка да се носат и предлог законите за изменување на Законот за архивски материјал, на Законот за користење на податоците од јавниот сектор, на Законот за бесплатна правна помош. По скратена постапка ќе се носат и предложените измени на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, и на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, со кои се врши спојување на двете комисии со што се прави намалување на бројот на избрани и именувани лица и се поедноставува системот за одлучување по жалби. 

Претседателот на Собранието Африм Гаши објави пауза од еден час, во тек на дебатата за предлогот по скратена постапка да се носи Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Северна Македонија, а чиј предлагач е пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска.  

Пратеникот Аднан Азизи побара да се тргне од дневниот ред поради, според него, неговата тенденциозност. Во име на пратеничката група на ВЛЕН предупреди да се повлече од дневниот ред тој предлог закон, најавувајќи дека нема да гласаат и демонстративно ќе ја напуштат седницата.

- Сведоци сме  за тенденциозен предлог кој провоцира една ситуација непосакувана за нашите граѓани од поранешен министер, кој припаѓа на еден субјект кој беше осум години на власт и тој закон ниту го предлагаа ниту го донесоа, рече Азизи. 

Паузата е објавена на барање на пратеникот на Левица, Димитар Апасиев.лв/сс/

Остани поврзан