• среда, 25 декември 2024

Со 3,8 милиони евра обновен патот Скопје-ГП „Блаце“, првите два километри од автопатот готови до крајот на март

Со 3,8  милиони евра обновен патот Скопје-ГП „Блаце“, првите два километри од автопатот готови до крајот на март

Скопје, 24 јануари 2024 (МИА) - Со 3,8 милиони евра е обновен државниот пат Скопје - граничен премин „Блаце“ во должина од 10 километри, а во завршна фаза е изградбата на првите два километри од автопатот на оваа релација и се очекува да бидат пуштени на крајот на март.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, придружувани од вицепремиерот Артан Груби денеска на настан кај кружниот тек пред ГП „Блаце“ го означија завршувањето на рехабилитацијата на патот. 

- Завршена е целосно обновата, имаме нова еластична ограда, делумно проширување на патот, како и санација на тунелот. Со тоа ја подобривме и безбедноста на патот, кој е еден од четирите кои водат кон граничните премини што ги завршивме изминатите месеци, Битола- Меџитлија, Струга-Ќафасан, како и Крива Паланка  - ГП Деве Баир, што значи дека поврзувањето со соседите за нас е од исклучително значење, изјави министерот Бочварски.

Како што посочи, зависно од временските услови се очекува на крајот на март да бидат пуштени првите два километри од автопатот во изградба.

Рустеми исто така посочи дека набргу ќе бидат пуштени во употреба првите два километра од автопатот и оти во тек се процедурите за избор на  изведувач и надзор за 10-те километри што треба да бидат изградени во втората фаза. 

Обновената делница, како што беше посочено, била запоставувана со години и и како дел од Рутата 6 од европската транспортна мрежа е многу значајна заради проширување на европските патни мрежи кон Западен Балкан.

Изведувач на работите за обнова на патот е ГД „Гранит“, а надзорот е на ГЕИНГ. 

Според најавите, во наредниот период ќе бидат пуштени во употреба и реконструираните патни правци Катланово – Велес и Велес – Градско. лв/бак/

Фото: ЈПДП

Остани поврзан