• недела, 24 ноември 2024

Со 36,2 милиони евра наредните две години ќе се ревитализираат шест хидроелектрани

Со 36,2 милиони евра наредните две години ќе се ревитализираат шест хидроелектрани

Скопје, 23 февруари 2023 (МИА) – Со заем во износ од 25 милиони евра од КфВ развојната банка, 11,2 милиони евра грант од ЕУ од ВБИФ и 0,2 милиони евра од германската Влада, Владата на Република Северна Македонија обезбеди 36,2 милиони евра за реализација на нова инвестиција во енергетскиот сектор.

Инвестицијата ќе се реализира во наредните две години и ќе опфати ревитализација на шест големи хидроелектрани помеѓу кои ХЕ Вруток, ХЕ Врбен, ХЕ Равен, ХЕ Тиквеш, ХЕ Шпилје и ХЕ Глобочица, кои обезбедуваат помеѓу 20 и 30 проценти од вкупното производство на електрична енергија во земјава. 

За реализација на оваа инвестиција денеска во Скопје се потпишаа Договор за заем меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕСМ – Скопје,  Договор за гаранција меѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за финансии и Кредитната банка за обнова – КфВ, Посебен договор меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕСМ – Скопје и Договор за ВБИФ грант меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕСМ - Скопје.

 

- Овие договори овозможуваат реализација на инвестиција од 36,2 милиони евра, која Република Северна Македонија ќе ја спроведе со поддршка од нашите партнери, а со кои правиме значајни чекори во обезбедувањето енергетска независност и тоа преку инвестиции во обновливи извори на енергија, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими на потпишувањето на договорите.

 Како што информираше министерот, во Буџетот за оваа година се предвидени 800 милиони евра средства за капитални проекти од кои доминираат инфраструктурните и енергетските проекти.

Тој додаде дека средствата се обезбедуваат по поволни услови, а реализацијата на инвестицијата ќе значи поголемо домашно производство, стабилност во снабдувањето со електрична енергија и енергетска независност.

 

Директор на секторот за енергија и мобилност во ЈИЕ и Турција во КфВ, Пабло Обрадор Алварез, истакна дека потпишаните договори се дел од заложбите на Германија во рамките на Берлинскиот процес, како и дел од енергетскиот пакет на ЕУ за поддршка на зелената транзиција на енергетскиот сектор во земјите од Западен Балкан (WB6)

Евроамбасадорот Гир потенцира дека инвестициите во зелена енергија се клучни за Република Северна Македонија, што, како што рече „ќе придонесе за подобрување на нејзината долгорочна енергетска безбедност, како и заложбите поврзани со климатските промени“.

Ото Граф, в.д. амбасадор на СР Германија во земјава посочи дека Германија и ЕУ ја поддржуваат Северна Македонија со цел зголемување на енергетската безбедност, што, како што рече, „цел кон која се стремиме сите. 

Генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски оцени дека третата фаза на ревитализацијата на шесте големи хидроелектрани е од огромно значење бидејќи со замената на застарената  и дотраена опрема ќе се постигне намалување на времето на прекин поради планирано и непланирано одржување, што ќе значи достапност на постројките од 100 проценти на годишно ниво по завршувањето на проектот.

Тој додаде дека проектот е усогласен со обврските од Зелената агенда за Западен Балкан, со заложбата за транзиција кон чиста енергија и ќе придонесе за имплементација на Стратегијата за развој на енергетиката на нашата држава до 2040 година, која има цел намалување на емисиите на стакленички гасови за 61 проценти, споредено со 2005 година и учество на обновливите извори на енергија во бруто потрошувачка на финална енергија на 45 отсто.

 

Со оваа инвестиција инсталираната моќност на хидроелектраните ќе се зголеми  за дополнителни 13,5 МW, додека, производството на електрична енергија ќе се зголеми за околу 47,5  GWh  годишно. Покрај ова, со инвестицијата се обезбедуваат и  намалени трошоци за одржување и зголемена доверливост и стабилност на системот, како и заштита на животната средина. Станува збор за трета фаза на ревитализација на овие хидроелектрани. Претходните две фази се исто така финансирани со заеми, при што првата фаза е финансирана со заем од Светска банка, а втората фаза со заем од Кредитната банка за обнова - КфВ и истите се успешно завршени. ар/аа/

Остани поврзан